12.11.2007 И владејачките и опозициските партии остануваат глуви на забелешките на Европската комисија дека во последната изборна кампања потрошиле повеќе пари од дозволеното, без да се знае нивното потекло. Во ВМРО-ДПМНЕ и во СДСМ немаат конкретен одговор на ваквите забелешки и кратко повторуваат дека работат според прописите. Во Извештајот од ЕК е наведено дека партиите во последната изборна кампања потрошиле повеќе пари од сумата предвидена во Изборниот законик, дека многу донации се од непознато потекло, особено во форма на реклами во медиумите со драстично намалена цена. Експертите сметаат дека партиите постојано и успешно ја избегнуваат темата злоупотреби при финансирањето на изборната кампања. Не сакаат да ги објават имињата на фирмите што ги финансираат нивните кампањи, зашто со тоа ќе ги откријат најголемите бизнис-врски во државата. |
Анета Јовевска од Институтот за политичко-правни и социолошки истражувања вели дека не е проблемот само во регулативата, која можеби не е доволно прецизна, туку вистинскиот проблем е кај партиите. – Нема волја кај партиите да најдат решение. Имаат премолчан договор да не го чепкаат ова прашање. Најдобро решение е да не се верификува мандатот на пратениците од партијата што не дала извештај колку пари потрошила и од каде се тие – вели Јовевска. Таа потсетува дека при секоја измена на изборните правила експертите предлагаат решенија, но партиите не прифаќаат ништо зашто си ги штитат интересите. Предвидува дека истото ќе се случи и со новите промени на Изборниот законик, кој нема да содржи заострени мерки, иако експертите ги предлагаат. Потпретседателот на СДСМ, Јани Макрадули, се согласува дека треба да се заострат мерките за финансирање кампањи, но бара да се преземе нешто и против владините кампањи кога нема избори. – Владата континуирано подготвува кампањи надвор од законите. Наместо да се приспособи кон препораките од ЕК, таа во моментов води 11 кампањи и има телевизиски спотови во траење од пет минути. Се согласувам дека некои медиуми не може да нудат и до 50 отсто попуст. Управата за јавни приходи не најде никакви неправилности во СДСМ. Партијата го пријави потеклото на парите – вели Макрадули. И генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Јанкуловска, тврди дека партијата ги почитувала законите и не трошела повеќе од дозволеното. – Државниот завод направи ревизија на потрошените пари. Извештајот е јавно достапен и констатирано е дека во целост се почитувани прописите за финансирање политички партии – изјави Јанкуловска. Според анализите на невладините организации, една партија за поскромна политичка кампања што вклучува само пет минути дневно рекламирање на две национални и на осум локални телевизии, чини најмалку 1,2 милион евра, речиси двојно повеќе од пропишаното.
Извор: Дневник |