12.11.2007 Јавното обвинителство на Република Македонија во денешното соопштение наведува дека нема место за јавно-обвинителска интервенција во врска со продажбата на градежното земјиште сопственост на државата, а лоцирано во непосредна близина на трговскиот центар „Рамстор“.
– Објавувањето на јавното наддавање е во согласност со Уредбата за начинот и постапката на оттуѓување, давање под закуп и висината на посебните трошоци на постапките за отуѓување и давање под закуп на градежното земјиште сопственост на Република Македонија, бидејќи истото е сторено во средствата за јавно информирање, а Уредбата не посочува потреба од објава во странските гласила, се вели во соопштението.
|
Од Јавното обвинителство посочуваат дека е објавено оти јавното наддавање според предвидените услови може да почне и ќе биде важечко и доколку за предметот на објавата се јави само еден учесник кој ги исполнува потребните критериуми и уплатил депозит за јавното наддавање што е во согласност со Законот за извршување. – Од страна на понудувачот ХЛХ МАЦ ЛЛП ДООЕЛ Скопје се доставени потребните докази, односно спогодбата за градба на хотели каде сопственик се фирми од групацијата ХЛХ, а оператор е Резидот хотелската групација…, се вели во соопштението.
Во врска со тврдењата дека како понудувач на јавното наддавње и како купувач на спорното земјиште се јавува фирма која е основана неколку дена пред одржувањето на самото јавно наддавање, Јавното обвинителство истакнува дека се вистинити, но времетраењето поминато од основањето на фирмата-понудувач до јавното наддавање не е предвидено како услов, односно критериум за учество на јавното наддавање, ниту пак тоа е спомнато некаде во одредбите од Законот за градежно земјиште или во Уредбата со која се регулира отуѓувањето на земјиштето сопственост на РМ. – Со оглед дека најповолниот понудувач во случајов ХЛХ МАЦ ЛЛП ДООЕЛ Скопје ги исполнува сите предвидени услови за јавното наддавање, Јавното обвинителство не смета за потребно да се впушта во анализата на фактот кое лице е сопственик и основач на ова правно лице, ниту пак во неговата поврзаност со други правни субјекти и нивните сопственици бидејќи тоа е ирелевантно и излегува од рамките на правното разгледување на случајот, се вели во соопштението.
Јавното обвинителство констатира дека на јавното наддавање во овој случај се пријавени шест правни лица, од кои две немале поднесено уредни документи, поради што без приговор биле исклучени од наддавањето. – Точно е дека постои разлика во почетната цена предвидена за земјиштето за изградба на хотел и онаа за изградба на трговски центар, односно почетната цена во првиот случај е 8.000 денари, а во вториот 5.000 денари, но и едната и другата цена се во согласност со Уредбата за начинот и постапката за отуѓување, давање под закуп и висината на потребните трошоци на постапката за отуѓување и давање под закуп на градежно земјиште сопстевеност на РМ, каде почетната цена на јавното наддавање не смее да биде пониска од 1.500,00 денари, се наведува во соопштението.
Јавното обвинителство на РМ истакнува дека избраниот најповолен понудувач ги исполнува сите предвидени услови и оти во случајов нема законските обележја на ниту едно кривично дело, односно не се преземени дејствија во насока на прибавување корист ниту лично, ниту за друг, ниту пак е нанесена некаква штета.
Извор : МИА
|