20.11.2007 За рекламирање на кампањата „Инвестирајте во Македонија“ во лондонскиот магазин „Економист“ се платени 148.000 евра, покажа извештајот на Државниот завод за ревизија за финансиското работење на Владата во минатата година. Ревизорите утврдија дека одлуката за исплата е донесена на владина седница, а била образложена како трошок во функција на остварување на програмите и на политиките на Владата за подобрување на бизнис-климата и за привлекување странски инвестиции. |
Предмет на анализа на ревизорите е работата на две владини гарнитури – на Владо Бучковски до 26 август и потоа на Никола Груевски. Без да се прецизира на кој период се однесува, во извештајот се заклучува дека Владата не водела ажурна евиденција за членовите на делегациите, особено кога тоа биле новинари и други надворешни лица, кои патувале во странство, поради што не може да се оцени дали се точни трошоците за превоз, ноќевање и за дневници. Од службената мастер-картичка и од девизната благајна на Владата за угостителски сметки и за репрезентација биле исплатени околу 14.000 евра без да се приложат сметки и докази дека се потрошени за службени потреби. По основа на судски извршни решенија биле платени 460.000 евра, но во Владата нема документација за основата на судскиот спор. Според ревизорскиот извештај, Владата неосновано исплатила 427.000 денари за патни и дневни трошоци, од кои за 227.000 денари не е поднесена документација, 132.000 денари отишле за репрезентација за време на службени патувања во странство (трошоци во ресторани, кафеани, мини-барови во хотелски соби), а 68.000 денари чинеле дополнителните ноќевања на новинари откако завршил престојот на делегацијата. За прослава на 102 години од Крушевската Република и на 100 години од смртта на Никола Карев биле исплатени 251.000 денари, но во сметководствената евиденција не се приложени документи како поткрепа на посочените трошоци, поради што ревизорите не можеле со сигурност да се уверат во точноста на исплатениот износ. Владата за договорни услуги на едно лице му исплатила 150.000 денари повеќе за постдипломски студии во земјава, но за тоа нема соодветен акт за регулирање на трошокот и јавен оглас, ниту се утврдени критериумите.
Извор: Дневник |