Државниот завод за ревизија констатира дека партиите претерале со скапите кампањи за парламентарните избори 2006, правејќи за пет-седум пати поголеми трошоци од дозволените граници. Главни соучесници на партиите во борбата за власт, со непријавени и повластени тарифи, им биле телевизиите, општините и јавните претпријатија. Најпластични примери за безмилосни цехови и за нечисти финансиски сметки се големите партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, откри ДЗР. Ревизијата потенцира дека нереалните и необјективни бројки во партиските фактури се причина поради која не може точно да се утврди колку точно пари се потрошени на избори.
Но, во ДИК имаат многу дилеми околу финансиските извештаи на ревизорот. Тоа им служи како покритие за да пресечат. Оттаму на секој можен начин избегнуваат да ги изречат дури и премногу благите казни, 5.000 евра за партија и 500 евра за одговорно лице. Иако директно не го потврдуваат тоа, сепак, сите постапки во ДИК просто наведуваат на заклучок дека епизодата „изборен луксуз“ ќе финализира без никакви санкции за учесниците во трката за пратеници. Како поинаку да се протолкува тоа што ДИК една и пол година по изборите и половина година откако ревизорот утврди дека партиите се изнатрошиле, се' уште се занимава со преписки. Последното барање за мислење е доставено до Советот за радиодифузија.
„Државната изборна комисија бара одговор од Советот за радиодифузија како да ја третира разликата меѓу редовната цена на рекламирање во електронските медиуми и онаа платената, дали е тоа донација или не“, објаснува портпаролот на ДИК, Зоран Таневски.
Од Советот за радиодифузија коментираат дека не можат да се мешаат во бизнисот на компаниите, бидејќи тоа би било буричкање по туѓи џебови. „Ги дадовме ценовниците до ДИК, а таму не пишува ништо за донации“, изјави претседателот на Советот за радиодифузија, Мирче Адамчевски. Тој нагласува дека одговорот за ДИК е подготвен, но дека барањето за мислење е упатено на погрешно место. Адамчевски додаде дека Советот за радиодифузија се залага сите учесници во изборите да имаат еднакви услови во рекламирањето. „Тоа подразбира телевизиите однапред да ги објават ценовниците за реклами и со дисконтите“, вели претседателот на Советот за радиодифузија.
Луѓето од науката велат дека политичкото финансирање е деликатна сфера. Од тие причини партиите успешно избегнуваат да ги објават имињата на фирмите-финансиери, бидејќи така ќе ги откријат најголемите бизнис-врски во државата. Но, тие информации, кој и со колку пари ги донира активностите на политичките актери, треба да бидат достапни, бидејќи се многу значаен дел од изборите, нагласуваат експертите. Притоа, нагласуваат дека не е можен здрав политички живот се' додека користењето на парите е неконтролирано. Според нив, најчестите казни во европските законодавства за партиите се бришење на нивното постоење од регистрите. Одземањето мандати е поретко, но го има. Оваа казна има многу приврзаници „за“ и исто толку против, затоа што се знае кој дава и кој одзема мандат. Многу поголема тежина од изрекувањето парична или кривична санкција може да има јавното посочување на политички субјект пред оние што го имаат конечниот збор во казнувањето – граѓаните.
„Финансирањето на политичките партии пред избори е моментот кога политиката станува најдоходовниот бизнис во државата. Ова не само што е болна точка за која е утопија да се говори туку, дефинитивно, е најсивата зона од сите сиви зони“, потенцира професорот на Правниот факултет Ванчо Узунов на трибина за тоа како се трошат парите. Според него, спонзорството може да биде оправдано само за добра иднина, а не и за сопствена инвестиција. „Ако некој бизнисмен финансира политичка кампања, тој прави многу добра рентабилна инвестиција. Партиите што ја освојуваат власта потоа му враќаат од јавните пари. Финансирањето во политичка идеја или програма не е забрането, но треба точно да се знае кој плаќа за партиите“, вели професор Узунов.
Анета Јовевска од Институтот за политичко-правни и социолошки истражувања изјави дека вистинскиот проблем е кај партиите кои немаат волја да најдат решение. Таа оценува дека партиите имаат премолчен договор да не го чепкаат ова прашање. Најдобро решение е да не се верификува мандатот на пратениците од партијата што не дала извештај колку пари потрошила и од каде се тие, вели Јовевска.
Извор: Утрински весник