28.11..2007 Македонската влада денеска отворено изрази сомневање во договорот за купопродажба на ЕСМ, најавувајќи притоа можност од активирање на банкарската гаранција.
„Договорот за доверливост на информациите околу купопродажниот договор за ЕСМ, помеѓу македонската влада и австриски ЕВН истекнува утре, по што истиот веднаш ќе биде објавен на владината веб страна“, изјави портпаролот Ивица Боцевски.
Потсетувајќи дека ЕВН при потпишувањето на договорот се обврзал во рок од една година да инвестира 35,5 милиони евра во ЕСМ, Боцевски извести дека Владата преку надлежните служби го проверува вкупниот износ на инвестиции.
Притоа Боцевски најави дека во наредниот период ЕВН ќе плати пенали, односно дека Владата ќе ја активира банкарската гаранција дадена при потпишувањето на договорот заради, доколку се потврдат сомневањата, за нереализирање на инвестиции.
Истовремено завршниот извештај за работењето на компанијата е предаден со цели 90 дена задоцнување, поради што Владата ќе го активира и тој дел од договорот.
„Повикувајќи се на ставки од договорот што го склучил со коалиционата Влада на СДСМ, ЛДП и ДУИ, ЕВН сега бара од Владата да му се исплатат 22,5 милиони евра, како резултат на ревизорскиот извештај дека ЕСМ бил во полоша состојба од онаа што им беше презентирана на австријците во тендерската постапка“, рече Боцевски.
„Денеска во пресрет на утрешното објавување на договорот Владата јавно прашува: Дали и кој однапред знаел дека независниот ревизорски извештај ќе покаже разлика, дали е тоа сторено за да се исфрлат другите потенцијални инвеститори со претходен договор меѓу купувачот и инвеститорот и конечно, дали е ова меѓународен стандард при потпишување на вакви договори, дека продавачот ќе биде принуден да враќа пари и тоа дури десет проценти од сумата“, изјави Боцевски.
Според него, интересот на Владата во овој случај е јасен, а тоа е заштита на граѓаните и домаќинствата.
„Договорот за продажба на ЕСМ во текот на утрешниот ден ќе биде достапен за секој заинтересиран. Судот на јавноста понекогаш е суров, но секогаш е правичен“, рече на крајот Боцевски.
Извор: Макфакс