– Од април годинава медијаторите почнаа со работа и веќе имаме 40 иницирани постапки пред медијатори. За споредба, во БиХ медијацијата се применува веќе три години, а има само 400 решени постапки за медијација. Според податоците што ги имаме, во Македонија има околу 4.000 стопански спорови само во Основниот суд Скопје 2. Ако само во 10 отсто од нив странките се одлучат на медијација, тоа се 400 спорови, што е добар број и е значајно олеснение за судот – вели Марина Перуновска, менаџер на проектот за медијација во ИФЦ.
Таа меѓународна организација најмногу се интересира за примена на медијацијата во стопанските спорови заради подобрување на бизнис-климата во државата, подобрување на имиџот на државата за странски инвестиции и зголемување на довербата на инвеститорите во правниот систем.
– Иако фокусот ни е на стопанските спорови, ги бележиме сите медијациски постапки. Од 11 успешно решени спорови со помош на медијација, четири се стопански спорови, а останатите се семејни, граѓански и работни – вели Перуновска.
На 18 октомври годинава ИФЦ и Основен суд Скопје 2 го промовираа заедничкиот пилот-проект за примена на медијацијата како алтернативен начин на решавање на споровите во Македонија. Целта е судовите да се растоварат од големиот број предмети и зголемување на довербата на граѓаните во спроведувањето на договорите.
– Според Законот за парничната постапка, судиите на почетокот на постапките ги информираат граѓаните дека споровите можат да ги решат и со помош на медијатори. Ние немаме право да ги упатуваме на медијација. Тоа е нивна одлука. Ние сме пилот-суд и го поддржуваме проектот за да се намали притисокот врз судот од граѓански предмети – вели претседателот на скопска двојка, Бекир Шаини.
Судиите од овој суд се веќе обучени да ги препознаваат споровите погодни за решавање со медијација. ИФЦ постави пулт во Судот каде што на странките им се нудат информации за можностите за отпочнување постапка за медијација и поволностите од неа.
– Медијацијата е побрз и поевтин начин на решавање на споровите. Во таа постапка странките сами изнаоѓаат решенија и постигнуваат спогодби, а медијаторот само им помага во тоа. Не можат сите спорови да се решаваат со медијација. Некаде е потребна судска интервенција. Светските искуства покажуваат дека медијацијата не е лек за сите спорови што ќе се упатат на медијатор, но сепак во 90 отсто случаи се носи заедничко решение, а странките продолжуваат да соработуваат и по завршување на спорот – вели Перуновска.
Извор: Дневник