11.12.2007 Искоренување на корупцијата во образованието во Македонија, која е оценета како екстремно висока, беше тема на тркалезна маса денеска во Скопје.
Претставници на централната власт, експерти, како и директори на училишта на тркалезната маса, дебатираа за коруптивното однесување во македонските училишта и како таа појава да се искорени.
„Aко ги имаме во предвид резултатите од истражувањата што по повод Светскиот ден за борба против корупцијата ги објави “Транспаренси Интернешенел“ за Македонија, видовме дека секторот образование е оценет како екстремно корумпиран“, изјави Слаѓана Тасева, претседател на организацијата „Транспарентност – Нулта Корупција“.
Таа посочи дека „средните училишта се местата од каде треба да се почне да се гради интегритетот на Македонија и интегритетот на младите институции“.
Според Тасева еден од главните начини за сузбивање на корупцијата е пред се доброто управување, каде како негови основни елементи се вбројуваат одговорноста, транспарентноста, контролата на корупцијата и владеење на законот.
„Министерството за образование и наука има лоцирано проблеми кои на моменти иницираат на појава на коруптивно однесување“, изјави директорот на Државниот инспекторат за образование, Георги Николов на тркалезната маса насловена „Културата на законот наспроти корупцијата“ .
Според него, мора да се промени односот кон законите, „затоа што со почитување на законитото работење, нема да има коруптивни појави“.