Овие предлози вчера ги презентираа Министерството за правда, Невладината организација МОСТ и ОБСЕ. За нив постигнаа консензус и поголемите партии.
Целта на овој проект, во кој учествуваа домашни и меѓународни експерти, и претставници на партии е да се подобри изборното законодавство преку усогласување со меѓународните стандарди за финансирање на изборните кампањи, надлежностите на ДИК и за намалување на изборните нерегуларности.
– Измените на Изборниот законик придонесуваат за поголема прегледност, усогласеност, но и за прецизност во водењето на изборните постапки. Со тоа би се овозможило изборите да се спроведуваат според највисоките меѓународни стандарди. Се надевам дека семејното гласање, полнењето и кршењето на гласачки кутии и други нерегуларности повеќе никогаш нема да се повторат – изјави министерот за правда Михајло Маневски.
Шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија амбасадорот Џорџо Радикати порача дека подготвувањето на амандманите е пример за транспарентен процес, кој ги вклучи политичкиот сектор и граѓанското општество.
Рената Дескоска-Тренеска, експерт за политички систем, нагласи дека со измените се прецизира надлежност на органите-учесници во изборниот процес, се дефинира поимот донација, се воведуваат обврски за извештаи на партиите за сите донации во кампањата, а медиумите се задолжуваат да објават ценовник за емитување на политичките пораки.
Претставниците од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и од ДУИ едногласно ги поддржаа предложените измени. За никој од нив не беше спорна новата одредба со која се дозволува партиските кампањи да чинат околу 3,5 милиони евра. Тие тврдат дека така ќе се спречат финансиските малверзации.
– Се надевам дека Министерството за правда ќе опстане на овој предлог и нема да уфрли свои варијанти. Според новите одредби, матичната евиденција од МВР ќе прејде во Министерството за правда. Значи ова министерство ги поседува и матичната евиденција и Избирачкиот список, што е лошо, зашто побрзо Избирачкиот список треба да се достави до ДИК. Особено поради желбата на Владата да гласа и дијаспората – изјави Јани Макрадули, потпретседател на СДСМ.
Трајко Велјановски од ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека иако предлогот на избори да гласа и дијаспората не е меѓу предлозите, Владата и понатаму ќе се залага тој да стане дел од новиот изборен законик.
Извор: Дневник