25. 12. 2007. Претседателот на организацијата “Транспарентност- нулта корупција” , доц. д-р Слаѓана Тасева во рамките на активностите на проектот „Култура на законот наспроти корупција“ одржа предавање на Универзитетот на југоисточна Европа во Тетово.
Притоа, таа студентите од факултетот за Бизнис и администрација ги запозна со проблемот на корупцијата во Република Македонија и со студентите разговараше за потребата од воведување на култура на законието, концептите за добро владеење и владеење на правото, наспроти проблемот со корупцијата, како и за обезбедување на широка јавна поддршка во оваа смисла.
„Не е непознато дека корупцијата постои во образовниот систем. Притоа, не не мора да станува збор за материјална форма, туку за добивање индекс, оценка, или остварување други цели, може да се даде и одредено ветување или услуга. Во Република Македонија има ендемска корупција, односно корупција распространета во сите сфери на живеење, која го загрозува владеењето на правото и развојот на демократијата и економијата“- истакна Тасева.
Таа ги информираше студентите за истражувањата на глобалната коалиција за борба против корупцијата Transparency International и спроведените истражувања, Индекс на перцепција на корупцијата (ИПК) и Глобален барометар на корупцијата (ГБК), истакнувајќи дека со 3.3 индексни поени Македонија е далеку зад европскиот просек од 8.5 поени.
Студентите дискутираа за значењето на културата на законието во целокупното општетвено живеење и потенцираа дека законите треба да важат за сите.
Тие го посочија примерот на нивниот универзитет, кој има добар систем на вредности, студентите имаат право на слободно изразување, а меѓунационалната соработка одлично функционира. Едновремено студентите го изразија својот став дека системот на вредности во нашето општество е на ниско ниво, секојдневно сме сведоци на агресијата и несогласувањето на оние кои не управуваат, а самиот систем ги вреднува парите како врховен принцип. Затајувањето на данок и корупцијата беа потенцирани како дел од неченсните игри преку кои се стигнува до парите.
Студентите ја истакнаа потребата од спроведување на законите, бидејќи донесувањето европски закони е залудно доколку тие не се почитуваат.
Дискусијата ја завршија со заклучокот дека не треба да се чека „магично стапче“ за власта да ги реши проблемите. Потребна е силна граѓанска свест и активна иницијатива.
Предавањето беше дел од проектот „Култура на законот наспроти корупција“, чија цел е да се зголеми познавањето на јавноста за владеењето на правото и да се зголеми свесноста за потребата од превенција на корупцијата во Република Македонија.