Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за енергетика
што Владата на РМ го достави до Собранието на РМ
28.12.2007 “Транспарентност – Нулта Корупција” е невладина организација чија главна определба е борбата против корупцијата и почитувањето на принципите за транспарентно, одговорно и отчетното однесување во процесите кои се одвиваат во Република Македонија.Во изминатите неколку години со внимание ја следиме состојбата и процесите за приватизација и либерализација во сферата на електростопанството, кои се имплементираат преку менување на законите во оваа сфера. Поради тоа, а имајќи го предвид значењето што процесите во оваа го имаат или би го имале за граѓаните и за стопанството, сметаме дека со поднесување на Предлогот за изменување и дополнување на Законот за енергетика се повредени основните принципи на доброто управување, кое подразбира транспарентност и отвореност на овие процеси.
Предложените измени на Законот за енергетика се носат крајно нетранспарентно, без јавна расправа и истите содржат одредби кои ќе креираат услови за нетранспарентно работење, создавање на монопол и фаворизирана положба на одделни субјекти на пазарот, како и услови за корупција. Со предложените измени се создава монопол на пазарот и фаворизирана положба на една компанија што е спротивно на владеењето на правото како темелна вредност на Уставот на РМ.
Предложените измени на Законот за енергетика всушност представуваат уназадување на завршениот процес на трансформација на старото ЕСМ за кој Република Македонија доби позитивни оценки од Европската комисија за енергетика, односно враќање назад во услови кога една компанија го вршеше производството, преносот и дистрибуцијата на електричната енергија. Истовремено овие измени се во спротивност со Директивите на Европската Унија за енергетика со кои се предвидува јасно разграничување на производството, преносот и дистрибуцијата на електричната енергија и транспарентност во работењето во овие дејности.
Ваквиот начин на менување на законот за енергетика создава услови за загриженост и за несигурноста кај инвеститорите, поради стравот од несигурност во снабдувањето со електрична енергија. Владата на РМ треба да создава услови за сигурно и стабилно инвестирање во државата, а не истата преку менување на законот на овој начин да ги одвраќа инвеститорите од нивните намери за инвестирање.
Со нетранспарентното донесување на измените на законот, се создава можност од нарушување на стабилноста на електроенергетскиот сектор во РМ, што во крајна линија негативно ќе се одрази на стандардот на крајните потрошувачи преку зголемување на цената на електричната енергија.
Процесот на либерализација на пазарот на електрична енергија во РМ, треба да се одвива постепено, чекор по чекор, со темпо со кое нема да се нарушат законитостите во овој сегмент, со нагли шоковни скокови чии последици се непредвидливи.
Транспарентност- нулта корупција