Жалбата на „Искрател“ била прифатена бидејќи тендерската комисија бодирала со нула поени еден од поткритериумите во понудата на „Семос“. Во Владата оцениле дека тоа не е во согласност со Законот за јавните набавки и затоа е побарано да се направи второ оценување на понудите.
Во „Семос“ велат дека оваа законска одредба се однесува само на вкупното вреднување на понудите, кој треба да биде од 1 до 100 бода. Во „Семос“ се плашат дека сево ова е само нов изговор да се поништи јавниот оглас за да не се избере нивната понуда. Откако беше поништен првиот јавен повик, во „Семос“ отворено го поставија прашањето за можен притисок од политички кругови на кои не им се допаѓа тоа што еден од сопствениците во фирмата е сопругата на претседателот Бранко Црвенковски. Од „Семос“ велат дека за случајот ги известиле странските мисии во земјава и побарале интервенција од „Транспарентност – нулта корупција“.
Од услугата „преносливост на броеви“ најголема корист треба да имаат граѓаните. Со оваа услуга тие ќе може да го сменат мобилниот или фиксниот оператор, а да ги задржат бројот и префиксот што ги користат.
Извор: Дневник