Причината за непостапувањето на судовите по овие предмети Врховниот суд ја гледа во неприменливоста на одредбите во Законот за судовите, со кои на странките им се дава право да се жалат на повреди на правото на судење во разумен рок. Поради тоа, Министерството за правда, само 13 месеци од донесувањето на новиот закон за судови, подготви измени со кои се допрецизира кој и како ќе ги работи овие предмети, во кои рокови и како ќе се исплаќа надомест за тие што претрпеле штета од предолги судења. Притоа биле прифатени дел од укажувањата во правното мислење што било донесено на Општата седница на Врховниот суд за дефектите во постојниот закон.
Со предложените измени, Врховниот суд станува единствено надлежен да одлучува за барањата за заштита на правото на судење во разумен рок. При тоа се посочува дека барањето може да се поднесе уште додека трае постапката, а најдоцна шест месеци по донесувањето на правосилната пресуда. Врховниот суд во рок од шест месеци треба да одлучи дали пониските судови ја воделе постапката предолго. Во случаи кога е утврдена повреда на правото на судење во разумен рок, а постапката на која странката се пожалила се' уште не завршила, Врховниот суд треба да определи рок во кој понискиот суд мора да донесе одлука. Освен тоа, Врховниот суд треба да досуди и правичен надомест за странката чие право е повредено. Незадоволната страна, при што не се нагласува која е таа, има право на жалба против решението на Врховниот суд, но повторно до Врховниот суд.
Законот за судовите предвидува надоместокот за повреда на правото на судење во разумен рок да се исплаќа од судскиот буџет и тоа во рок од три месеци од правосилноста на решението на Врховниот суд. Врховниот суд, пак, смета дека надоместот треба да се исплаќа од државниот буџет, бидејќи судовите се државни органи. Според Врховниот суд, нелогично и спротивно на принципот на владеење на правото е надоместот да се исплаќа од судскиот буџет бидејќи судот што ќе одлучува ќе биде „судија во сопствениот случај“ и треба самиот да си се казни парично.
Извор: Дневник