07.02.2008 Македонија годинава ќе добие нов закон за државни службеници, со кој ќе се воведе системот на кариера во државната администрација. Со него, по укажувањата на Европската комисија (ЕК), ќе се напушти и досегашниот систем на работни места. Новите законски решенија ќе бидат основа за департизација и за деполитизација на државната администрација и нејзино преструктурирање во професионален и ефикасен јавен сервис на граѓаните. Во двата последни извештаи за напредокот на Македонија во евроинтеграциите, ЕК имаше забелешки на бавните реформи на државната администрација, постојаната партизација со смените на власта и слабата ефикасност. Унапредувањето на државната администрација преку воспоставување систем на кариера е и еден од осумте клучни приоритети, од чие исполнување во текот на годинава ќе зависи дали Македонија ќе премине во следната фаза од евроинтеграцијата.
– До крајот на неделава работната група треба на Владата да и' ја достави анализата на имплементацијата на постојниот Закон за државните службеници. Таа ќе ги содржи сите слабости, негативни и позитивни страни, што и како да се менува. Заклучоците што потоа ќе ги усвои Владата ќе бидат основа за премостување на периодот до донесувањето на новиот закон и приоритети за реформа на државната администрација – вели Мирјана Илиева, портпаролка на Министерството за правда.Новиот закон, според неа, е дел од Националната програма за усвојување на правото на ЕУ. – Системот на кариера е за стабилни демократии, го претпочита Англија, особено Франција и Германија. Иако постојниот систем на работни места е подобар за земји во транзиција, го злоупотребуваме зошто секои четири години преку измени на систематизациите може да конкурираат и луѓе од улица и да бидат ставени на високи раководни управни места. Системот на кариера го забранува тоа – вели професорот по управно право Борче Давитковски.Според него, токму системот на кариера ќе биде брана за партизација на управата. Во државната управа ќе се влегува како помлад референт или референт и ќе мора да се изоди кариерата до државен советник или до државен секретар, а на секои три години да се полага и да се оценува знаењето. Од друга страна, смета Давитковски, ќе мора со закон да се забрани првите две години од владеењето на која било власт да се менуваат систематизациите. Ова е дел од програмата на Државната комисија за спречување корупција, но не се почитува. Неменувањето на систематизации по министерствата ќе овозможи постојните раководни структури, на пример, државните советници, да останат на своите места.
– Законот дефинитивно мора да се смени и со него да бидат опфатени сите сегменти и од јавната и од државната администрација. Државната администрација не е голема, брои 11.500 луѓе и таа трпи уште 3.000-4.000 вработувања. Но, вкупната јавна администрација е третина од вкупниот број вработени. Тоа е премногу, особено во услови на 270.000 пензионери и на 350.000 невработени. Вкупно 450.000 вработени не можат да го издржуваат ова – вели Давитковски.
Извор: Дневник