10.02.2008 Активностите на Владата за финансирање изградба на црква на плоштадот Македонија во Скопје е најматен, а реакциите за предлог законот за енергетика, најбистар настан во јануари.
Ова е оценка на главните уредници во 17 највлијателни печатени и електронски медиуми во Македонија, во анкетата „Бистро – Матно“ на Независната новинска агенција Макфакс и на невладината организација „Транспарентност – нулта корупција“ .
Најматен настан во јануари, според 12 главни уредници е владината одлука да финансира изградба на црква, за што јавноста не беше официјално информирана, за која нема информација за финансиските показатели, ниту пак е образложена потребата од ваков објект.
Дел од медиумите, објавија дека премиерот Груевски идејата за црква првпат јавно ја соопштил на крајот од владина седница. Поточно, откако седницата завршила, Груевски ја презентирал идејата само како усна информација, по што таа била евидентирана како заклучок на Владата.
Откако министерот за култура Арификмет Џемаили со денови тактизираше со распишување на меѓународен конкурс за идејно решение за изградба на црква на скопскиот плоштад, тоа го стори неговиот заменик. Реакции има и за тоа дека владата со одлуката да финансира изградба на црква во Скопје и џамија во Тетово ја доведува во прашање секуларноста на државата.
На второ место на листата најматни настани во јануари, со четири гласа, се најде случајот со последиците од договорот на Владата со ОКТА. Македонија е можеби единствената држава во Европа во која нема пристап до квалитетни горива. Владата само формално дозволи бесцарински увоз на квалитетното дизел гориво еуро 5, бидејќи Регулаторната комисија нема намера да понуди цена по која ова гориво ќе излезе на пазарот.
Според експертите, ова е само една од низата последици од договорот со кој Владата на ОКТА и обезбеди монополска позиција на пазарот. ОКТА уште 1,5 година ќе може да произведува деривати под еколошки стандарди.
Еден глас на матната листа има Договорот што Собранието го склучи со „Т-мобиле“ за користење на услуги во мобилната телефонија, при што сите пратеници и високи службеници како подарок примија најсовремени мобилни апарати.
Најбистар настан во јануари 2008 година, со 12 гласа, е реакцијата од јавноста и на Европската комисија (ЕК) за измените за Законот за енергетика, по што Владата сепак ги смени предлозите во Законот со кои би се создала монополска позиција за ЕЛЕМ. За овој дел од законот имаше реакција и од ЕК и тој ќе мора да се усогласи со европското законодавство
Воведувањето единствените цени на лекови со пет гласови е на второто место на листата на бистри настани. Единствените цени на лековите, кои важат од 1 јануари, треба да стават крај на хаосот во фармацевтскиот бизнис.
Анкетата „Бистро – Матно“, во која учествуваат главни уредници на национални медиуми, како дел од борбата против корупцијата се спроведува од декември 2004. година. Во анкетата за јануари учествуваа телевизиите, Сител ,Телма, Канал 5, Алсат радио Канал 77, дневните весници Бизнис, Вечер, Вест, Време, Дневник, Лајм, Утрински весник, Факти, интернет весникот Лоби, неделниците Глобус, Капитал и Фокус.