12.02.2008 Државната комисија за спречување на корупцијата ја реизбрала Мирјана Димовска за претседателка пред пет дена, но во тајност. Транспарентните антикорупционери не најдоа за потребно навремено да информираат за „новината“, како што тоа во истите случаи досега било вообичаена практика. Поранешни членови на Антикорупциската комисија и претседатели на невладини организации се изненадени и скандализирани од реизборот на Димовска. Тие оценуваат дека се погазени нормите за етичко однесување и дека е нарушен духот на антикорупцискиот закон во кој јасно стои дека мандатот на претседателите трае една година.
Во Антикорупциската комисија вчера потврдија дека изборот на Димовска бил направен на седница одржана на 7 февруари, а вчера доцна попладне штуро известија за тоа. Се оправдуваа дека не информирале за настанот, бидејќи во изминатите денови биле презафатени со преселба во нови простории спроти парламентот. Од ДКСК тврдат дека за изборот на Димовска имало процедура и дека таа добила поддршка од сите членови за уште еден мандат, но одбија да коментираат дали бил законски реизборот. Претседателката на Антикорупциската комисија вчера имаше бетонирани мобилни телефони, упорно не ги креваше.
Во минатата антикорупциска екипа за четири години се сменија четворица претседатели, Слаѓана Тасева, Јован Трпеновски, Драган Малиновски и Михајло Маневски. Поранешната ДКСК ги повикуваше новинарите на прес-конференција, информираше за новоизбраниот претседател и истовремено поднесуваше извештај за годишната работа.
Сега нема ништо од тоа, а никаде го нема ни годишниот извештај.
Изборот на Мирјана Димовска, претставува скандал без преседан, оценува во „Време“ експретседателката на Антикорупциската комисија Слаѓана Тасева. Тврди дека по изборот на актуелната извршна и законодавна власт кон крајот на 2006 година била незабележано протуркана законска измена според која е избришан делот во кој стоеше дека претседателот нема право на уште еден мандат.
За Тасева нема да биде чудно во владеењето на актуелните партии Димовска да остане претседателка во целиот мандат на ДКСК. „Вака како што тргнало, многу лесно може да се случи некој однадвор да ги посоветува за укинување на Комисијата. Или барем за да не се срамат и натаму со секојдневно одење во Владата по сопствено мислење, би можеле и официјално да ја направат орган во состав на Владата“.
„Изгледа дека скандалите со Антикорупциската комисија никако не престануваат. Како што, главно, работи во тајност, не е за чудење што и нејзиниот претседател, во соработка со Владата, се избира во тајност. Тоа само дополнително ја дискредитира и самата Комисија, владината програма за борба против корупцијата и криминалот, но и целата држава Македонија“, оценува Сашо Орданоски, претседател на „Транспарентност – Македонија“.
Извор: Утрински весник