06.03.2008 Дали во Македонија има Државна комисија за спречување на корупцијата? Ова прашање го поставува стручната јавност која им сугерира на антикорупционерите да објаснат што работат и дали постигнаа некакви резултати за една година.
Антикорупциската комисија се изгуби во сенката на моќните политички центри, оценуваат експертите. Тие се убедени дека некој свесно се откажа од функционирањето на ова тело и дека тоа е направено со кумство на владејачката структура. Ова е поразително не само за ДКСК како институција, која по дефиниција би требало да биде независна, туку и за државата за која корупцијата е ништо повеќе од кампања.
„Македонските антикорупциски воини“ не се никакви предводници во битката против корупцијата, бидејќи на работно поле не се идентификуваа со жестокост, цврстина и непоколебливост. Познавачите на оваа сфера нагласуваат дека со спектакуларни апсења и со прес-конференции не се добива војна против корупцијата.
„Кога се' беше поставено на тацна и само требаше да се продолжи со исто темпо, односно да се покажат резултати, антикорупционерите целосно потфрлија, загрозувајќи го сето она што е досега постигнато. Антикорупциската комисија дури не е ни декор оти и декорот треба да личи на нешто“, коментира експретседателката и членка на првиот антикорупциски состав Слаѓана Тасева.
Според неа, единствениот нормален принцип кога се влегува во нов мандат е давање отчет за сработеното. „Ист претседател добива уште една година да биде на иста позиција само ако зад себе оставил одлични резултати. Ова што се случи со реизборот на Мирјана Димовска е невиден преседан, своеволно однесување, анархија, непочитување и узурпација на закони“, додава Тасева.
„И денес да се смени претседателот на ДКСК ќе биде позитивен резултат. Димовска ја закопа Антикорупциската комисија“, вели Тасева и додава дека „госпоѓата треба веднаш да се тргне не само од местото претседател, туку и од членство во Комисијата, поднесувајќи си оставка“.
Имиџот на Антикорупциската комисија е загрозен поради лични и партиски интереси, категорични се експертите.
„Реизборот на Димовска нема никаква правна основа. Законот е прекршен и злоупотребен“, вели професорот на Правниот факултет Никола Тупанчевски. Според него, Антикорупциската комисија со ништо не покажала дека е специјализирано, независно и објективно тело за борба против корупцијата. „Извештајот кој е главен инструмент за оцена на нејзината работа не постои. ДКСК е законски обврзана да даде отчет со извештај за својата работа. За 2007 година нема таков материјал. Рокови кога да се поднесе нема, но непишано правило е извештајот да биде готов до крајот на истата година или во почетокот на наредната. Но, и за ова има објаснување“, нагласува Тупанчевски.
Тој вели дека никој не знае што ќе и' бидат главни насоки на Комисијата за оваа 2008 година иако тие произлегуваат од веќе донесената Државна програма за превенција и репресија од корупцијата. Тупанчевски се сомнева во успешноста на Антикорупциската комисија, која, според него, нема капацитет за работа.
За Ана Павловска – Данева, доцент на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Антикорупциската комисија е само беззначаен државен орган со звучен и атрактивен назив. Таа е убедена дека се зрели условите Собранието да ја разреши ДКСК затоа што не поднела извештај за својата работа.
„Во нашиот правен и политички систем, најповикан орган за обезбедување транспарентност, професионалност и етичност во работата на државните институции е Државната комисија за спречување на корупцијата. Овој состав со досегашната работа никако не може да не' увери во точноста на овие начела. Можноста што им беше дадена на ’комисионерите‘ во изминатиот период да и' се наметнат на јавноста, да излезат од бледилото и сенката на политичките центри на моќ, за жал, не ја искористија“, вели Павловска – Данева.
Таа како пример го наведува „повлекувањето“ на владиниот етички кодекс за кој вели дека „не видовме, ниту слушнавме збор на критика, па дури ни пофалба“. „ Дали Антикорупциската комисија едноставно се откажа од реализацијата на својата програма, само затоа што таа се коси со владината политика“, заклучува доцентката на Правниот факултет во Скопје.
Извор: Утрински весник