13.03.2008 ИЗВЕШТАЈ НА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ ЗА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА ВО МАКЕДОНИЈА
Човековите права во Македонија, генерално, се почитуваат, со исклучок на некои области и случаи, е оценката која стои во Извештајот за човековите права за 2007 година, подготвен од американскиот Стејт департмент. Главни точки кои не ги задоволуваат светските стандарди се: прекумерната сила што ја користи полицијата, корупцијата во судството, министерствата за правда и за внатрешни работи, како и политичкиот притисок врз нив. Проблем, исто така, е и трговијата со луѓе и општествената дискриминација на етничките малцинства.
Извештајот позитивно се осврнува на слободата на говорот и печатот. Во земјата има низа различни медиуми кои имаат различни ставови и официјално се независни од власта. Најголем дел зафаќа нападот врз новинарите минатиот септември. Претепувањето на камерманот на ТВ "Алсат" и шлаканицата за новинарот на ТВ А1 се осудени, а забележан е и новинарскиот протест со напуштањето на владината прес-конференција по овие настани.
Што се однесува до почитувањето на интегритетот на личноста и слобода од незаконско спроведување на законот, забележана е прекумерната сила која во одредени случаи ја употребила полицијата. Тука се споменати повеќе случаи, меѓу кои и акцијата "Планинска бура". Македонската полиција е најзастапена во овој извештај. Во извештајот пишува:
"И покрај подобрувањата и реформите на полицијата, имаше низа пријави за корупција, нетранспарентност и политички притисок врз МВР, што го оневозможува да се бори против организираниот криминал".
Подобрувањата се случиле во повеќе области, а потенцирана е работата на внатрешната контрола, која за 2007 година одработила 175 случаи за полициска недисциплина.
Во извештајот е забележано и дека, според Светската банка, корупцијата на власта е најсериозен проблем во земјата, посебно онаа во полицијата и судството. Се забележува и позитивниот тренд на реформи во судството кои се резултат на законот од 2006 година, со кој се формирани Управниот суд, Судскиот совет, а судовите се делумно независни кога станува збор за граѓанските прашања.
Посебно се истакнати случаите на осудените судии од Кочани Зоран Трајанов и од Гостивар Неџат Мемети, како и судската завршница за аферата Експорт-импорт банка каде што беа вмешани ексгувернерот Љубе Трпески и бизнисменот Методија Смиленски.
Спомената е Државната антикорупциска комисија која минатата година се занимавала и со државни функционери и со пратеници, а обработила дури 1.114 случаи.
Според овој извештај, слободата на религиите, генерално, се почитува, но се забележува на ограничувањата во законот кој не дозволува повеќе религиозни групи од една вера.
Општествената дискриминација кон етничките малцинства и неадекватната заштита на жените се уште се проблем. Зголемен бил и бројот на случаи на трговија со луѓе, е забележано во Извештајот за човекови права на Стејт департментот.
Извор: Вест