20.03.2008 Македонските факултети се дават во корупција, но проблемот е што студентите најчесто не го пријавуваат случај од страв за својата академска судбина. Една од причините што ја наведуваат се слабите институции и механизми за нивна заштита, затоа се плашат дека ќе имаат проблеми со другите професори, а со тоа ќе дојдат во ситуација да ја ризикуваат сопствената иднина. По зачестените апсења корумпирани функционери, каде што главен доказ се обележаните банкноти, професорите, посредниците и студентите се усовршуваат и воведуваат нови техники за трансакција на парите.
– Повеќе не се ставаат пари во индекс, туку се оди преку повеќе посредници, кои почесто се менуваат за да се прикријат трагите. Притоа првиот посредник, кој ги зема индексот и парите од студентот, веднаш оди во менувачница, каде што ги менува парите за да биде сигурен дека серискиот број на парите нема да биде запишан. Потоа парите преминуваат во рацете на повеќе посредници, за на крај да завршат во рацете на професорот – сведочат група студенти, кои од страв не сакаат да им биде обелоденет идентитетот. Тие велат дека откако парите ќе стигнат кај професорот, студентот потоа повторно се сретнува со некој од посредниците, за да си го добие назад индексот со „дебело“ платената шестка. Цените се различни, во зависност од факултетот и од тежината на материјалот. Цената зависи и од сесијата, односно ако на студентот му е последна сесија, цената се зголемува за да не запише квадрат или куб. Најчесто испит или шестка чини од 200 до 2.000 евра.
Некои од нив ни раскажаа за сопствените искуства, за случаи кога студентот ги уплаќа парите на жиро-сметка на професорот, за спонзорство за книга. Најчест и најзастапен облик на корупција е кога професорите продаваат свои книги со потпис, по списоците на студенти, и тоа по многу високи цени кои се искачуваат и над 2.000 денари. Така, студентите се принудени да ги купат книгите, како основен услов да може да го полагаат испитот. Студентскиот правобранител, професорката Ана Павловска-Данева, вели дека за четири години, откако е на оваа функција, добила само една претставка за злоупотреба со учебниците.
– За четири години ниту еден студент не дојде кај мене да пријави дека некој професор побарал или зел пари за да даде преодна оценка за испит. Не сум добила ниту анонимна пријава, што значи дека за корупцијата студентите само масовно зборуваат, а никој ништо не пријавува. Тоа не значи дека нема корупција воопшто, туку дека ја има во многу мали размери – вели Ана Павловска-Данева, студентски омбудсман.
Претседателот на Сојузот на студентите на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Самоил Малчески, пак, тврди дека нему постојано му се јавуваат студенти за да добијат информација како да ја најдат Ана Павловска-Данева, да им помогне во решавањето на проблемите. – Постојано ми се јавуваат студенти, но нема кој да им помогне, а јас немам таква надлежност. Студентите не можат кај мене да пријавуваат случаи на корупција, тоа е во надлежност на студентскиот правобранител, кој студентите не можат да го најдат. Затоа и ја почнавме кампањата „Се бара Ана Павловска-Данева“ и ќе се залагаме на нејзино место да се избира студент, затоа што студентите се плашат да пријават корумпиран професор кај професор – истакна Малчески.
Извор: Време