19.03.2008 Дополнителни 18 милиони евра ќе се потрошат за да се набави дел од струјата што недостига. Избрани се четирите компании од каде ќе се купува енергијата.
Просечната цена е 86 евра за мегават час. Кој ќе го плати увозот, засега никој јавно не кажува. Ова е втор увоз за годинава.
Првиот чинеше 60 милиони евра. Количините што тогаш се набавија не се доволни поради лошите проекции кај енергетските компании и намаленото производство, поради што се утврди дека недостигаат 300 гигават часови струја, кои се побараа на нов тендер, но ќе се увезат само 210.
Останатите ќе се добијат од бугарското електростопанство „НЕК“ по пониски цени. Од МЕПСО велат, ова е врз основа на договорот со кој Македонија зема кредит од ЕБРД за изградба на далноводот Штип – Црвена Могила и самата ќе го враќа.
За сметка на тоа, Бугарија нејзиниот дел за далноводот ќе го плаќа со испорака на струја за земјава.
Ситуацијата со струјата се повеќе се комплицира. Недостига јаглен, се бара на тендер.
Дефектите во РЕК „Битола“ ги исцрпија акумулациите. Едниот блок на РЕК „Битола“ повторно е надвор од мрежа. Во последните неколку месеци таму се случија десетина испади на блоковите.
Извор : А1 ТВ