20.03.2007 Се проблематизира тендерот за изградба на Чебрен и Галиште. Норвешки Статкрафт бара одложување на рокот за доставување на финансиските понуди. Канал 5 дознава, писмено се пожалиле во Економија дека нетранспарентно се менуваат тендерските услови, немале време да се прилагодат.
Приговараат и за договорот за концесија на хидроцентралата Тиквеш што државата ја користи како адут за атрактивност на тендерот. Норвежаните не чувствуваат дека се во еднаква позиција со државата како партнер во стопанисувањето со Тиквеш. Напротив странецот, а не државата треба да обезбеди гаранции за услови кои не може да ги предвиди, тврдат во писмото.
Во економија ги разгледуваат забелешките од норвешката компанија. Тендерската комисија ќе побара, ако има услови, Владата ќе го пролонгира рокот, велат оттаму.
На терен веќе почна трката меѓу 5 те компании. Германците од РВЕ се први лобисти. Вчера дојдоа во Прилеп и Кавадарци, лично на локалните власти да им пренесат дека се сериозни за бизнисот тежок 500 милиони евра.
Доколку нема ново пролонгирање, за една недела компаниите треба да ги достават финансиските понуди. Победникот ќе се знае за еден месец.
Извор: Канал 5