22.03.2008 Поради значителна промена на условите од тендерот за изградба на хидроцентралите Чебрен и Галиште по директива на Владата, уште една странска компанија бара одложување на рокот за доставување на финансиските понуди кој истекува за една недела. Канал 5 дојде до писмото што Австријците од Вербунт вчера го ковертирале до економија. Бараат уште најмалку 6 недели да се прилагодат на изменетите услови.
И тие како и норвешката компанија Статкрафт забележуваат дека еднострано се изменети концесискиот и договорот за заедничко вложување на државата со странецот во хидроцентралата Тиквеш што властите ја користат како адут за атрактивност на тендерот.
Во писмото пишуваат дека се вчудовидени што конкурентот, германската компанија РВЕ добила можност да стапи во контакт со високи владини претставници за проектот. Тврдат дека и другите кои влегоа во потесната трка за изградба на Чебрен и Галиште, се обиделе безуспешно да комуницираат со домашните власти.
РВЕ се први лобисти на терен. Од Германија дојдоа во Прилеп и Кавадарци на локалните власти лично да им пренесат дека се подготвени да инвестираат повеќе од 500 милиони евра во регионот. Не кријат дека за проектот веќе разговарале со премиерот, вицепремиерот и претставник од ЕЛЕМ под чија капа е ХЕЦ Тиквеш.
Во Економија ги разгледуваат забелешките и на австриската и од норвешката компанија. Тендерската комисија ќе побара, ако има услови, Владата ќе го пролонгира рокот, велат оттаму. Доколку нема промена победникот ќе се знае за еден месец.
Извор: Канал 5