27.03.2008 „Информациите за јавните набавки се најголема државна тајна. Централната и локалната власт, како и јавните претпријатија, вовеле вистинска цензура за се' што подразбира јавна набавка. Од тие причини на Интернет-страниците на институциите не се објавуваат тендерите, а воопшто ги нема информациите за избраните понуди, бодирањето и за склучените договори“. Ова сознание, меѓу другото, вчера го потенцираа од невладината организација „Про медија“, презентирајќи го извештајот од набљудувањето на мрежните страни на 59 институции и организации што се однесува на примената на Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер
.
„И трошењето на јавните пари е под цензура. Дури 97 проценти од мониторираните институции не ги објавуваат трошоците, а 88 отсто молчат за буџетите. Постои зачудувачка леснотија во необјавување информации. Кога станува збор за јавните набавки, речиси сите набљудувани иматели не објавуваат такви информации, а молкот е стопроцентен“, нагласи Климе Бабунски, автор на проектот.
Се поставува прашањето која е користа од 21 век и од постоењето на мрежната страна, велат во „Про медија“. Оттаму додаваат дека постои сериозна информатичко-комуникациска неписменост, односно невозможност да се обезбеди слободен пристап до информации преку Интернет, преку мрежни страни на институциите.
„Набљудувањето покажа дека четири од пет иматели на информации не обезбедуваат слободен пристап. Слободниот пристап до информации е уставно гарантирана слобода. Законот треба да ја конкретизира таа слобода, но очигледно не се применува. Во најголем број случаи нема пристап, односно не е обезбедена состојба за слобода на информации. Таквата состојба, бездруго, може да се нарече цензура“, нагласи Бабунски.
Извор: Утрински весник