17.04.2008 Државната комисија за спречување на корупцијата, место резултати за сработеното минатата година во борбата против корупцијата и криминалот, на јавноста вчера и испорача зборови.
Претседателката на Комисијата Мирјана Димовска, на презентацијата на годишниот извештај за работата на Антикорупциската во 2007 година, се пофали со поповолна клима која овозможува конкретни постигања и ефикасност во борбата против корупцијата. Во извештајот, а ниту во излагањето на Димовска никаде не се спомна зборот резултати. Комисијата се пофали и со новите простории за работа, кои ги немаше во изминатите пет години од постоењето. За нив постигање е и што Антикорупциска комисија сега има и посебна ставка во буџетот, која ќе и обезбеди финансиска самостојност во борбата за спречување на корупцијата.
Комисијата подготвува и државна програма за превенција и репресија на корупцијата, негува добри односи со институциите и граѓаните кои имаат повисоко ниво на јавна перцепција за ова зло, но од 1.114 претставки, конкретизирани се само 8 иницијативи за кривично гонење, од кои само за шест случаи постапуваат надлежните органи. Едната иницијатива е одбиена, а во другиот случај тужената странка добила ослободителна пресуда.
Во останатите шест предмети за кои се води постапка се работи за злоупотреба на службена должност и затајување данок. Гонети се поранешен директор на ЈП "Улици и патишта", неколку скопски градоначалници за изградба на локален пат, вработен во Управата за јавни приходи и во Стопанска банка. Има и двајца просветни работници, еден декан и еден директор на основно училиште кои, спротивно на законот, ги вработувале нивните деца.
Од 386 претставки, во 202 случаи Комисијата се прогласила за ненадлежна, а во 125 примери сметала дека нема елементи за постапување.