21.04.2008 Организациите на цивилно општество имаат клучна улога во подигнувањето на свеста дека неопходните реформи во земјите се спроведуваат не заради Европската Унија, туку за доброто на граѓаните, смета еврокомесарот за проширување Оли Рен. На Конференцијата за развој на цивилното општество во Југоисточна Европа, која се одржа во Брисел и на која присуствуваа 450 учесници од цела Европа, Рен изјави дека би сакал луѓето во регионот себеси да не се гледаат како луѓе што преземаат исполнување на однадвор наметнати услови, туку како луѓе што ја создаваат сопствената иднина. Според еврокомесарот, претставниците на цивилното општество се мост помеѓу институциите на ЕУ, националните власти и граѓаните и тие организации може да ја подигнат свеста за успесите и предизвиците на проширувањето на ЕУ.
Досегашните успеси на проширувањето на ЕУ, вели Рен, не и' се доволно добро претставени на јавноста, што е една од главните причини за таканаречниот „замор од проширувањето“ во земјите-членки. Од друга страна, во земјите што се' уште не се членки, условите што ги наметнува Унијата често се разбираат како нешто што и' треба на самата Унија, а не на граѓаните во тие земји. Конференцијата ја организира Општата управа на Европската комисија за проширување со цел на организациите на цивилно општество во земјите-членки, во земјите-кандидатки и потенцијални кандидатки да им се понуди платформа за соработка, за размена на најдобрите искуства и со изградба на партнерство.
Извор: Дневник