19.04.2007 Сите јавни набавки и вработувања се со буџетски пари, велат во Министерството зафинансии,а експертите сметаат дека активностите, освен неопходните, во изборниот период треба да мируваат
Владата ги користи недореченостите и двосмисленостите во Законот за спречувањето на корупција за непречено да троши државни пари за промотивни цели. Вака експертите гледаат на последните конкурси за вработувања и за јавни набавки што ги спроведува Владата.Пред неколку дена претседателката на невладината „Транспарентност-нулта корупција“, Слаѓана Тасева, предупреди дека е можно да се изигра законот, кој забранува вонредни исплати и почнување нови проекти од моментот на распишувањето на изборите. Иако се ограничуваат вонредни исплати и почнување нови проекти, одредбата во законот завршува со: „освен ако за таа намена не се обезбедени пари од буџетот“.
И во изборни години постои планиран буџет со точно предвидени трошоци, но спроведувањето на проектите, освен неопходните, се запира од моментот кога се распишуваат изборите. Токму целта на одредбата од законот што ограничува почнување нови проекти е да се спречи злоупотреба на државните пари за партиски промотивни цели. Вака, би рекол, законот се заобиколува – вели Никола Тупанчевски, професор на Правниот факултет во Скопје.Во Министерството за финансии велат дека нема да има екстра-трошоци, туку сите огласени вработувања и јавни набавки се со буџетски пари, така што нема ограничувања тие да се реализираат според предвидената динамика.Не се работи за нови или за вонредни трошоци, туку за активности планирани во согласност со буџетската програма за кои се предвидени пари – вели министерот за финансии Трајко Славески.За некои експерти, таквото однесување со кое техничката влада практично функционира со полн капацитет како да нема избори, е недозволиво.Треба целосно да се разграничи што се смета за почеток на проектот. Иако де факто за него се предвидени пари во почетокот на годината, тој де јуре почнува со одлука на влада. А такви одлуки техничка влада не може да носи – додава Тупанчевски.Пред два дена владата огласи јавни набавки за реновирање повеќе училишта, а се појавија и многу нови вработувања. На вчерашната средба со граѓаните на Дебар, поранешниот вицепремиер за спроведување на рамковниот договор Имер Алиу се пофали со пет илјади нови вработувања, не прецизирајќи кога ќе се случи тоа. ДУИ за четири години вработи 3.200 Албанци, ние за 16 месеци 2.970. Со акциската програма ќе вработиме уште пет илјади – рече Алиу.
Јавна набавка со поминат рок
Министерството за финансии вчера објави оглас за јавна набавка на 30 економски учебници на македонски јазик од реномирани странски автори. Во огласот се објавува една измена на условите за добивање на бизнисот од првиот јавен оглас во минатиот месец. Наместо бараните три милиони денари годишен обрт за секој дел од набавката одделно, сега условот е само годишен обрт од 3.000.000 денари. Фирмите треба да ги достават документите до 15 април, односно три дена пред објавувањето на огласот.
Извор: Дневник