08.05.2008 Владините кампањи и спотови, со кои деновиве се бомбардира јавноста, како „Ти си Македонија“, кампањата за многудетно семејство, за бесплатни лекарски прегледи и „Образованието е сила“, претставуваат интензивна предизборна пропаганда со која владата собира предизборни поени. Со тоа директно се крши Законот за избори, оценуваат невладините организации за борба против корупцијата. Најпроблематично, според нив, е што ваквиот маркетинг на владата ќе продолжи да се форсира и во екот на предизборната кампања. Освен кампањите, речиси секое министерство преку реклами се фали за сработеното и преку платени огласи ги советува граѓаните. Така, на пример, Министерството за финансии објави оглас во кој на граѓаните им дава совети за предностите и недостатоците на купување автомобил на кредит или на лизинг.
– Владините кампањи претставуваат директно кршење на Законот за избори и Законот за спречување корупција, преку кои владата пере пари со кои ќе ја плати кампањата за изборите – вели Сашо Ордановски од „Транспарентност Македонија“.
Според Слаѓана Тасева од „Транспарентност – нулта корупција“, ваквите кампањи претставуваат предизборен маркетинг кој владата тактички го темпирала пред избори.
– Владата добро испланирала сите овие кампањи да се случуваат токму во моментов, бидејќи законски има право се што е почнато и предвидено да го заврши до крај. За овие кампањи има илјада прашања, како тоа колку чинат и колку е предвидено да траат – објаснува Тасева.
Првата антикорупционерка, Мирјана Димовска, која е надлежна да испита дали владата смее да се рекламира во предизборието, вели дека работи на случајот.
– Во законот не пишува дека не смееш да се рекламираш и да се фалиш, но проблемот е дали се фалиш преку злоупотреба на парите на граѓаните, т.е. со буџетските средства. Ние во моментов ја испитуваме кампањата „Ти си Македонија“, каде што треба да утврдиме дали парите со кои се плаќа кампањата се редовно испланирани или пак станува збор за вонредни средства – објаснува Димовска и додава дека пред изборите владата не смее да плаќа кампањи со вонредни средства.
Боцевски: Владата смее да троши за кампањите
Од владата велат дека кампањите се продолжение на активностите кои се претходно испланирани во буџетот и ќе продолжат да се емитуваат без оглед на тоа што е предизборен период. Од таму велат дека ваквите кампањи не се предизборен маркетинг туку политики на владата за општо добро на граѓаните.
– Владата смее да троши за вакви кампањи, бидејќи тие средства се испланирани во буџетот. Во моментов постои процесна влада и тоа значи дека таа има право да ги заврши сите почнати процеси. Кампањите имаат динамика и ќе продолжат да се остваруваат – вели портпаролот на владата, Ивица Боцевски.
Извор: Шпиц