Случај „NUMBER PORTABILITY,,
09.05.2008 Во месец јули 2007 година Комисијата за јавни набавки (КЈН) на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) распиша отворен повик за набавка на софтвер за реализација на преносливост на броеви заедно со изворен код за одржување на системот и Централната база за пренесени броеви за реализација на преносливост на броеви и за функционални барања на системот за реализација на преносливост на броеви. Овој проект треба да им овозможи на граѓаните при промена на мобилниот или фиксниот оператор да го задржат бројот и префиксот што го користат.
Тендерот побуди интерес во јавноста од причина што Владата на РМ има обврски од потпишаниот договор со ,,Мобилко,, според кој имплементацијата на овој проект требаше да почне од 1 септември минатата година. По основа на потпишаниот договор компанијата може да бара отштета, а истата ќе се плаќа од буџетот на државата. Исто така, поеради ова и Европската Комисија за електронски комуникации и јавно ја обвини Република Македонија за одолговлекување на имплементацијата на проектот NUMBER PORTABILITY, со што ги остава во нерамноправна позиција новите оператори. Дополнителен негативен ефект од невоведувањето на овој систем се и скапите услуги на фиксната и мобилната телефонија.
На објавениот тендер учествувале 6 Македонски фирми и тоа Seavus, ITS Iskratel, ТИС КИС, Семос, Неоком и Пексим.
Во случајот Комисијата за јавни набавки во АЕК, Второстепената комисија за јавни набавки во Владата на Република Македонија, како и Бирото за јавни набавки направиле повеќе грешки во постапката:
– Понудувачот Seavus Скопје во постапка за набавка со преговарање (непосредна спогодба) е избран за реализатор на програмот преносливост на броеви иако во првата фаза бил целосно исклучен поради понудената цена од 510.000,00 евра, што е за 110.000,00 евра повеќе од висината на обезбедените средства на АЕК (400.000,00 евра);
– Со понудувачот Seavus Скопје е склучен договор по цена од 20.978.000,00 денари без ДДВ (343.000,00 евра) иако во првата фаза понудата а СЕМОС изнесувала 137.000,00 евра, а оваа компанија е единствена од понудувачите која го поседува потребниот софтвер,
– Комисијата за јавни набавки на АЕК во третата фаза донела неправилна Одлука за неизбор на најповолна понуда и сите понуди ги исклучи бидејќи ниту една не содржела референца за имплементација на централизирани системи за преносливост на броеви. Во тендерската документација постоела можност да се бодува и во услови кога не постои референца за имплементации на централизирани системи;
– Со оглед на тоа дека овој услов не постои во тендерската документација, а имајќи предвид дека АЕК веќе има информација за тоа дека ниту една од компаниите во Република Македонија нема ваква референца, АЕК можела во да распише меѓународен тендер,
– Во членот 67 став 1 алинеа 1 од Законот за јавни набавки постои услов според кој содржината од тендерската документација од овие повици неможе суштински да се менува. Значи и во конкретниот случај тендерската документација и условите ме ножеле да се менуваат во тој дел. Ова во конректниот случај значи дека никој од оние кои учествувале во тендерот не можел да биде избран за најповолен понудувач. Откако во третата фаза ги исклучила сите учесници на тендерот, постапката не можела да се продолжува во непосредна спогодба со ниту еден од учесниците,
– Во постапката со преговарање Комисијата постапила спротивно на Законот за јавни набавки, со тоа што не се повикани да учествуваат сите економски оператори кои во отворената постапка ја докажале својата способност да учествуваат на тендерот. Имено, согласно Законoт за јавни набавки од 2008 година, во делот на постапка со преговарање со претходно објавување на оглас, договорниот орган не е должен да објави оглас доколку во постапката со преговарање ги повика сите економски оператори кои во отворената постапка ја докажале својата способност и договорниот орган не може да повика понудувач кој не учествувал во претходната постапка.
Напоменуваме дека активноста на “Транспарентност – Нулта корупција” во врска со овој случај се одвива во рамки на Канцеларијата за правни совети на граѓаните, а по претходно поднесена претставка од СЕМОС ДОО Скопје на 1. 10. 2007 година.
Имајќи предвид дека преземените дејствиа укажуваат на тоа дека поголем број службени лица кои учествувале во постапката ја искористиле својата службена положба и овластување со цел да овозможат да се прибави имотна корист, а за што во случаите кога ваквите дејствија се сторени при вршење на јавни набавки или на штета на Буџетот на Република Македонија е предвиодена казна затвор од најмалку четири години, целокупната документација за овој случај ќе биде доставена до надлежниот Јавен обвинител.
Анализа на текот на постапката:
Прва фаза: Во првата фаза од тендерската постапка Комисијата за јавни набавки на АЕК (Агенција за електронски комуникации) со одлука од 03.08.2007 година за најповолна понуда ја избрала понудата на Семос Доо Скопје. Оваа компанија била единствена која понудила софтвер за овој систем и нејзината понуда била со најповолна цена.
Жалба до Комисијата за жалби по јавни набавки при Владата на РМ поднел понудувачот , ITS Iskratel Скопје. Комисијата за жалби по јавни набавки при Владата на РМ на 03.10.2007 година, односно после точно 2 месеци (законскиот рок за одлучување е 15 дена) донела решение со кое ја уважила жалбата на жалителот ITS Iskratel и ја поништила Одлуката за избор на Семос ДОО Скопје за најповолен понудувач.
Единствена причина за поништувањето на Одлуката е тоа што Комисијата за јавни набавки на АЕК ја исклучила понудата на понудувачот Seavus Скопје, бидеќи истиот понудил повисока цена (510.000,00 евра) од висината на обезбедените средства на АЕК (400.000,00 евра) и ја задолжила Комисијата за јавни набавки на АЕК при повторната евалуација да ја евалуира и понудата на Seavus Скопје.
Напоменуваме дека понудувачот Seavus воопшто не поднел жалба, а понудата на Семос ДОО Скопје била 137.000,00 евра. Поради тоа не постоела никаква основа за поништување на тендерот во првата фаза од постапката.
Втора фаза : При повторната евалуација Комисијата за јавни набавки на АЕК со Одлука од 23.11.2007 година повторно ја избрала понудата на понудувачот Семос ДОО Скопје за најповолна.
Жалба до Комисијата за жалби по јавни набавки при Владата на РМ поднеле понудувачите ITS Iskratel Скопје и Seavus Скопје.
Комисијата за жалби по јавни набавки при Владата на РМ на 09.01.2008 година донела решение со кое се уважуваат жалбите на жалителите ITS Iskratel и Seavus Скопје и ја поништила повторната Одлуката за избор на Семос ДОО Скопје за најповолен понудувач и ја задолжила Комисијата за јавни набавки на АЕК да изврши повторна евалуација на понудите.
Причина за ваквата одлука на Комисијата за жалби по јавни набавки при Владата на РМ е тоа што Комисијата за јавни набавки на АЕК при евалуацијата на понудите на некои понудувачи за одреден критериум им дала 0 (нула) бодови наместо бодувањето да се врши во рамките од 1 до 100 бода.
Трета фаза: Комисијата за јавни набавки на АЕК на 22.01.2008 година ги исклучила понудите на понудувачите од понатамошната постапка и донела Одлука да не изврши избор на најповолна понуда.
Како причина за неизвршување на избор е немањето на најмалку двајца понудувачи кои имаат комплетна документација. Во известувањето кое било доставено до “Семос” ДОО Скопје било наведено дека Семос доставил некомплетна понуда, бидеќи не доставил документ за имплементирани системи за Преносливост на броеви.
На Одлука за не избор на најповолна понуда и на известувањето за исклучување на понудата, Семос ДОО Скопје на 07.02.2008 година поднесува жалба до Комисијата за жалби по јавни набавки при Владата на РМ.
Посебен акцент во жалбата Семос ДОО Скопје става на тоа дека Комисијата за јавни набавки на АЕК погрешно го толкува делот од тендерската документација кој се однесува за референтна листа за имплементации на централизирани системи. Доколку некој понудувач има рефернца за имплементиран централизиран систем за намена на преносливост на броеви, тие треба посебно тоа да го означат. Дека ова е така може да се види и од бодирањето за овој критериум, референтна листа – 20 бода, од кои 10 бода за активни имплементации на централизирани системи за преносливост на броеви и 10 бода за тековно активни имплементации на централизирани системи за намена различна од преносливост на броеви.
Напоменуваме дека овој услов не постои во тендерската документација. Со оглед на тоа дека АЕК веќе има информација дека ниту една од компаниите во Република Македонија нема ваква референца можела во оваа фаза да распише меѓународен тендер.
Комисијата за жалби по јавни набавки при Владата на РМ донела решение со кое жалбата на Семос ДОО Скопје ја одбила како неоснована.
Четврта фаза: На 19. 03. 2008 година АЕК до Бирото за јавни набавки поднела барање за мислење во врска со натамошното спроведување на постапката за јавна набавка, а посебно во однос на добивање согласност за спроведување постапка со преговарање, без претхопдно објавен оглас.
На ова, на 26. 03. 2008 година Бирото за јвавни набавки ја известило агенцијата дека согласно новиот закон за јавни набавки кој почна да се применува од 1.01.2008 година не е предвидена законска можност Бирото за јавни набавки да дава претходна согласност за започнување постапка за набавка со преговарање.
Напоменуваме дека согласно преодните и завршни одредби на новиот Закон за јавни набавки, сите постапки кои се започнати треба и да завршат по стариот закон.
Понудувачот Seavus Скопје во постапка за набавка со преговарање (непосредна спогодба) е избран за реализатор на програмот преносливост на броеви. Овој понудувач во првата фаза бил целосно исклучен поради понудената цена од 510.000,00 евра, што е за 110.000,00 евра повеќе од висината на обезбедените средства на АЕК (400.000,00 евра).
Со понудувачот Сеавус Скопје во оваа фаза е склучен договор по цена од 20.978.000,00 денари без ДДВ (343.000,00 евра) иако во првата фаза понудата а СЕМОС изнесувала 137.000,00 евра.
Постапката за набавка со преговарање е исклучителна постапка и може да се примени само во ограничени случаи предвидени со Законот за јавни набавки, а по претходна согласност од Бирото за јавни набавки. Ако Бирото за јавни набавки одбие да даде претходна согласност да набавката се спроведе со постапка за набавка со преговарање, набавувачот е должен да спроведе постапка со јавно објавување.
Еден од случаите кога може да се спроведе постапка за набавка со преговарање е утврден во член 67 став 1 алинеа 1 од Законот за јавни набавки од 2004 година. Тоа е случајот кога по претходно спроведени две постапки на отворен повик немало доволен број понуди или соодветни понуди, под услов содржината од тендерската документација од овие повици суштински да не е изменета.
Напоменуваме дека ова е единствен случај на набавка со непосредна спогодба кој можел да се примени во конкретната постапка за набавка на програмот за преносливост на броеви. Она што е многу важно е тоа дека содржината од тендерската документација од двата повици суштински не смеела да биде изменета.
Имаќи во предвид дека Комисијата за јавни набавки на АЕК донесе Одлука за неизбор на најповолна понуда и сите понуди ги исклучи бидеќи ниту една од нив не содржела референца за имплементација на централизирани системи за преносливост на броеви, одредбата на членот 67 став 1 алинеа 1 од ЗЈН во делот под услов содржината од тендерската документација од овие повици суштински да не е изменета. Ова значи дека не смее да се менува тендерската документација во тој дел, што од друга страна значи дека никој не можел да биде избран за најповолен понудувач.
Заклучок: Согласно претходно спроведената постапка и донесени одлуки, ниту една од компаниите кои учествувале на тендерот не можела да биде избрана ниту во постапка со непосредна спогодба.
Во дополнение, согласно новиот Закон за јавни набавки (На кој се повикало Бирото за јавни набавки) бројот на кандидатите на кои им е одобрено да се спогодуваат, односно преговараат не може да биде помал од три, под услов да има доволен број соодветни кандидати. За оваа постапка, ваквото решение за преговарање со повеќе кандидати ( макар што е правило дека може и со еден кандидат) е токму заради потребата дури и при ваква постапка, набавувачот секогаш да ја обезбедува и фаворизира транспарентноста и конкурентноста во набавките.
ТРАНСПАРЕНТНОСТ-НУЛТА КОРУПЦИЈА