Пауноски, некогашниот министер во Владата на Љубчо Георгиевски од 1998 до 2002 година и член на највисокото партиско раководство на ВМРО-ДПМНЕ, првиот пат беше осуден на пет години затвор за злоупотреба на службената положба и овластувања и за наводна проневера на три милиони марки (милион и пол евра) и по автоматизам притворен. Судењето по одлука на Апелациониот суд во Скопје беше вратено кај истиот судија. Втората изречена затворска казна што ја потврди и второстепениот суд е за една и пол година помала.
Пауноски и неговиот адвокат барањето го срочиле на 50 страници, а го испратиле на 14-ти минатиот месец. За само две недели Пауноски добил одговор дека неговото барање да се разгледа судскиот процес против него што се водеше во Основниот суд Скопје 1 и траеше скоро осум години, е прифатено и веднаш заведено во архивата на Судот во Стразбур.
Пауноски вчера ни изјави дека подготвил и книга со апсурдите, како што рече, во судскиот процес против него. Таа била главно со факсимили, имала стотици страници и, како што вели, е учебник за катастрофалното судство во Македонија. Книгата ќе биде објавена наскоро.
Пауноски во детали го информира Меѓународниот суд во Стразбур дека на првото судење Основниот суд Скопје 1 не дозволил докази за да се потврди дека едниот договор, за кој се товареше во обвинението, веќе бил реализиран. Пет години не дозволил ниту градежно вештачење да се утврди дека почнал да се реализира и договорот за градба на комплекс станови за специјалците "Волци" во скопската касарна "Илинден".
"Кога во второто судење се дозволи да се докажат овие работи, Судот незадоволен, тргна со обвинување дека не требало да се градат такви објекти во касарната, оти локацијата со умисла ја одбрале обвинетите и дека поради тоа тој договор останува незаконски".
Интересно за случајот Пауноски беше што цело време додека траеше судењето, меѓународните претставници и некои амбасади во Македонија со внимание го следеа процесот.
Пауноски осум години не е вработен, а него и двете малолетни деца ги издржува сопругата, со која го чекаат третото дете.
"Не знам дали ме избришале од членството во ВМРО-ДПМНЕ. Свесно со години не контактирав со некои мои многу добри пријатели од таа партија, само да не им нанесам штета", вели Пауноски.
Извор: Вест