БОЦЕВСКИ:ОДЛУКАТА СЕ ПОЧИТУВА
Сепак, портпаролот на Владата, Ивица Боцевски, тврди дека Владата ја почитува одлуката за стопирање на владините кампањи. Рекламата за „Глобтротерс“ се однесува на свеченото отворање на спортската сала „Борис Трајковски“, кое беше најавено уште пред една година. Не е спорна ни рекламата на Министерството за правда, бидејќи е во рамките на известувањето за шестмесечните активности во тој ресор – изјави Боцевски.Професорот по кривично право, Никола Тупанчевски, објавувањето на владините рекламни пораки ги оценува како уште еден политички маркетинг на Владата и дел од политичкиот декор во предизборието. Објавувањето маркетиншки пораки и по најавите за нивно запирање е спротивно на тоа што самите го рекле. Очигледно, немале сериозна намера во спречување на тоа што се нарекува незаконски дејанија, зашто ако имале, можеле да ги спречат со еден потег. Во отсуство на Собрание, очигледно Владата работи надвор од контрола, а да не говориме за тоа што се обврски на една техничка влада – нагласува тој.Драган Малиновски, поранешен член на антикорупциската комисија, вели дека со својата кампања Владата целосно е влезена во предизборен филм, со што безмилосно троши државни, буџетски пари и целата предизборна кампања ја прави нефер. Кампања има постојано, таа не ни прекинала, а Владата сега само го игнорира сопствениот заклучок. Се плашам дека освен судот на јавноста, кој е единствен коректив на ова што го прави Владата, не постои институционален начин сето ова да се прекине. Антикорупциската комисија укажа на проблемот, но немоќна е да направи нешто повеќе зашто нејзиниот надреден орган, Собранието, е распуштено – вели Малиновски. Според него, ДИК веројатно од свои причини е пасивна, иако е најповикана за спроведување и почитување на законитоста на изборниот процес.
И ТЕНДЕРИТЕ ПРОБЛЕМ
Директорката на „Транспарентност-нулта корупција“, Слаѓана Тасева смета дека Владата требала и морала да ги запре не само кампањите туку и сите јавни тендери за да не влијае врз изборниот процес. Тоа сигурно ќе наидеше на поддршка кај секој граѓанин. Со продолжување на кампањата Владата троши и злоупотребува буџетски пари за партиски цели – вели таа.Според Сашо Орданоски, директор на „Транспарентност Македонија“, продолжувањето на владината кампања е скандал и отворено кршење на законот. ДИК и антикорупциската комисија, според него, мора итно да преземат остри мерки против одговорните лица, кои по медиумите излегуваат и со свои фотографии. Ова е само континуитет во низата лажни заложби на Владата да стави точка на бесмисленото трошење пари за пропаганда која личи на перење пари за изборни потреби – вели Орданоски.
Ресорот правда под лупа на антикорупциската
Антикорупциската комисија ќе испитува колку чини и од кои пари Министерството за правда ја рекламира по медиумите својата работа. За овој случај Комисијата вчера отворила посебен предмет. За нас овој оглас е спорен бидејќи е комерцијален, што значи трошење државни пари. Од друга страна, Министерството се рекламира иако Владата најави дека ќе се запрат сите огласи и кампањи со кои се трошат пари од буџетот. Исто така, познато е дека учесници во кампањите се партиите, а не министерствата и органите на власта. Поради тоа, отворивме предмет за овој случај и од Министерството бараме одредени одговори. Исходот ќе биде познат наскоро – изјави вчера Мирјана Димовска, претседателка на антикорупциската комисија.
Извор: Дневник