23.05.2008 Прашањето на политичкиот консензус помеѓу политичките партии уште долго ќе биде проблем за реализација на стратешките интереси на државата. Да биде иронијата поголема, тој консензус ќе се пронајде точно таму каде што не треба. Во случајов станува збор за законските норми и технологијата на финансирањето на кампањите на политичките партии. Претпоставувам многумина се прашуваат колку ли чини оваа, деновиве актуелна, агресија врз вашите сетила која ве одвраќа од помислата да вклучите ТВ или да отворите весник. По консултациите кои ги направивме со експерти во оваа област, стасавме до бројка од барем три и пол милиони евра за кампања на политичка групација каква што деновиве ја следиме. Според оваа апроксимативна математика, во овие дваесетина дена ќе се потрошат, за македонски услови, астрономски 10 милиони евра. Од каде се тие пари? Од чии џебови доаѓаат? Ова се прашања на кои одговорите, во една нормална демократија, многу лесно ќе ги добиете, како од оние кои ги даваат, така и од оние кои ги добиваат. Но, кај нас не е така! Во двата изборни штаба на двете најголеми коалиции, ако ги прашате од каде се парите, барем они одговорните за комуникација со јавноста ќе ви речат дека тоа не е тајна, но дека одговорот се уште го немаат. Велат, ќе сме го добиеле кога ќе завршат изборите. Така беше и во минатиот изборен циклус, но одговор не добивме.
Доказите игнорирани
Единствено што може да ги потврди сомнежите за тоа дека се случува нешто матно во партиските тефтери беше извештајот на Државниот завод за ревизија кој констатираше дека недостасуваат документи за дел од направените трансакции. Јавно пријавените потрошени суми пари не кореспондираа ниту со логиката на здравиот разум, а камоли со пазарните цени на услугите кои се користени. Бранислав Гулев од Државниот завод за ревизија вели: “ Факт е дека сите сметководствени трансакции искажани преку водењето на финансиските извештаи, речиси на сите политички партии, особено кај големите, укажуваат на една претпоставка дека сите трансакции не се евидентирани во нивните финансиски извештаи, така што особено ако имаме предвид дека секоја изборна кампања е многу скапа работа, мислам дека нашата претпоставка сепак се базира на една квалификација дека овие износи што се искажани и обелоденети во нашите извештаи сепак се потценети, односно се искажани во помали износи од она што е потребно за извршување една изборна кампања, особено кај големите политички партии“.
Извештајот на ревизорите направен по изборите во 2006 година остана со мало внимание од медиумите и, што е пострашно, целосно изигнориран од надлежните органи кои, нормално, требаше да постапат по сомнежите до кои дојдоа ревизорите за тоа како беа финансирани изборните кампањи. Доследни на, за интересот на граѓаните, циничниот консензус, политичките партии во ниту еден момент не помислија да си префрлат за очигледните финансиски малверзации на чии траги посочи ревизијата. “За жал, сите досегашни влади само декларативно се залагаа за воведување транспарентност во финансирањето на изборните кампањи, но ниту една од нив не презема конкретни активности во оваа насока. Кога се усвојуваше Законот за финансирање на политичките партии, материјата за финансирање на кампањите беше изоставена, со изговор дека за тоа треба да се донесе посебен закон. Кога се носеше Изборниот законик како кодифициран законски текст, не постоеше подготвеност да се разговара за ова прашање, а истото наводно беше започнато, но остана недовршено во текот на мандатот на последната влада“, вели Слаѓана Тасева, претседателка на Транспарентност – Нулта Корупција.
Генератор на корупција
Дијагнозата поставена од експертите во оваа област брзо беше препознаена од Европската комисија, која, пак, и даде висок приоритет на оваа тема во списокот домашни задачи кои Македонија ќе треба да ги заврши доколку има сериозни аспирации да стане членка на ЕУ. Овој проблем не случајно беше лоциран во извештајот на ЕК во делот посветен на борбата против корупцијата. Во отсуството на транспарентност на финансирањето на кампањите се препознава главниот генератор на корупцијата и хроничното коруптивно однесување на политичките елити. Фактот што партиите ги кријат трагите на изворите за нивните кампањи како змија нозете, јасно упатува на заклучок дека мотивите на тајните финансиери и содржината на договорите кои партии ги склучиле со тие финансиери се далеку од легални и уште помалку мотивирани од верба во некоја идеологија или вредностите кои таа идеологија ги промовира.
На прашањето упатено до Дарко Алексов, првиот човек на невладината МОСТ која педантно го следи секој изборен процес, за тоа кои се мотивите на донаторите кои партиите ги кријат од јавноста, добивме ваков одговор: “Некои од нив очекуваат подобра иднина, а некои си го купуваат лошото минато. Натаму, поконкретни објаснувања за мотивите на донаторите добивме од претседателката на Транспарентност – Нулта Корупција, Слаѓана Тасева.
“Тука ние го доведуваме целиот систем под прашање, оние кои помогнале во изборните кампањи, коишто ги задолжиле оние што ја имаат власта, постојано да враќаат за услугата, дали ќе биде преку интервенција во судството, дали ќе биде преку интервенција во Собранието да се донесе одреден закон, дали ќе биде на друг начин, преку доделување тендери, преку зајакнување на соработката или вложување повеќе средства, на кој било начин може да се возвраќа услугата, а со тоа се доведуваат во нерамноправна положба сите останати. Со тоа се загрозува демократијата, со тоа се загрозува владеење на правото. Затоа велиме дека корупцијата во политиката е исклучително опасен феномен, исклучително опасен генератор на корупцијата, во општеството воопшто“, вели Слаѓана Тасева.
Овие претпоставки уште долго нема да можеме да ги поткрепиме со конкретни докази, но, од друга страна, ако не е така победниците на овие избори, а нив нека им се придружат и поразените, нека повелат да не демантираат со тоа што, прво, безусловно на ревизијата ќе и ги објаснат сите детали и нелогичности во нивните есапи; и второ, со тоа што веднаш ќе иницираат донесување на посебен закон за финансирање на изборните кампањи. Надеж дека тоа скоро ќе се случи и нема, особено ако се земе предвид фактот што партиите кои деновиве се колнат во нивната чесност веќе го погазија законски утврдениот праг од еден и пол милиони евра за изборна кампања.
Извор: ФОРУМ