– Надлежноста на ДПИ е таква да не може да презема активности по однос на тврдењата дека некој е избран со врски, непотизам или недоволен квалитет. Ние можеме само да констатираме дали вработениот е соодветен според степенот и видот на образованието. Овде клучниот збор е на директорот, но така, често се бира несоодветен наставен кадар, вели Ѓорѓи Николов, директор на ДПИ.
Државните просветни инспектори вршат целосен инспекциски надзор на квалитетот во воспитно-образовниот процес во сите подрачја како што се наставата и учењето, поддршка на учениците, управување и раководење… Како што велат, главна цел е да се направи оценка на квалитетот на остварување на целите кои државата ги поставува пред вработените во основното и средното образование, а во однос на потребните постигања на учениците. Според инспекторите, целите на програмата треба да се остваруваат низ современи наставни техники кои ќе им овозможат на учениците најголем дел од потребните знаења да ги стекнуваат на самиот час.
– При интегрална евалуација, особено внимание се посветува на процесот на оценувањето во училиштата. Во државата постои неформален консензус дека сега не одговара на реалните постигања на учениците, а особено оценувањето не се базира на еднакви стандарди во државата, додава Николов.
Во препораките што ги дал ДПИ до училиштата е и дека во училишните одбори поголема улога треба да имаат родителите и локалната самоуправа како т.н. заинтересирана страна – корисник на услуги на воспитно-образовниот процес, отколку наставниците кои се даватели на услуги, за што се предлагаат законски измени. Но, од Инспекторатот велат дека законските решенија не значат сами по себе самостојност на училишните одбори се додека сите заинтересирани страни не вложат максимални напори училишниот одбор навистина да ги остварува надлежностите пропишни со закон. Тие се упатени еден на друг, а неопходно е да се елиминира негативното влијание во упатеноста на училиштата и локалната самоправа, особено при вработување на кадартот и при избор на директор на училиште.
Извор: Вечер