07.06.2008 ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со партнерите треба да платат по околу 16 милиони, односно 4,6 милиони евра, во ситуација кога законот дозволува за кампањи да се потрошат само 1,7 милион.
Петте партии и коалиции што освоија пратенички места во Собранието, само за телевизиските реклами во изборната кампања ќе треба да платат околу 23 милиони евра на петте телевизии со национална концесија. Толку изнесува цената за околу 68 часа платена политичка програма во ударните телевизиски термини, што ги закупиле коалициите и партиите во текот на дваесетдневната кампања. Најголема сума од околу 16 милиони евра на телевизиите ќе треба да им плати ВМРО-ДПМНЕ со партнерите од коалицијата „За подобра Македонија“, додека долгот на СДСМ и на коалицијата „Сонце“ ќе изнесува околу 4,6 милиони евра, без други трошоци за кампањата. Само со овие суми и двете коалиции значително ја пречекорија дозволената сума од 1,7 милион евра, колку што законски им е дозволено на партиите да потрошат во кампањата.
Во граници на дозволената сума е трошокот за телевизиската кампања на ДУИ, која треба да ја чини најмалку милион евра, ПЕИ – 1,1 милион, а ДПА – околу 800.000 евра.Ваква пресметка произлегува од податоците за емитуваната платена политичка програма што вчера ги соопшти Советот за радиодифузија и од ценовниците за реклами што петте телевизии ги објавиле пред изборната кампања. Според ценовниците, цената за една секунда емитувана политичка програма изнесува околу 100 евра, но неизвесно е дали телевизиите ќе ги наплатат рекламите бидејќи однапред најавиле дека ќе им даваат големи попусти на партиите.Скопската телевизија „Канал 5“ во ценовникот за реклами за изборите навела дека на политичките партии ќе им одобрува попуст од 10 до 90 отсто, додека телевизијата „А1“ го информирала Советот дека „попустот ќе биде утврден во договорите што ќе бидат склучени со партиите“. Телевизијата „Аласат-М“ одобрува попуст од над 50 отсто доколку кај нив се потрошат над 70.000 евра. Телевизиите не може да даваат попуст само на една политичка партија зашто со тоа тие би го нарушиле принципот на рамноправен третман на субјектите на пазарот. Ние не можеме да им навлегуваме во овој економски однос со деловните партнери. Анализата ќе ја доставиме до Државната антикорупциска комисија за тие да пресметаат колку пари потрошиле партиите – изјави вчера Зоран Стефановски, претседател на Советот за радиодифузија. Податоците покажуваат дека коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ имала вкупно 44 часа, 21 минута и 44 секунди платена политичка програма на телевизиите. Од тоа, најмногу, 19 часа, 57 минути и 57 секунди се емитувани на телевизијата „Канал 5“ и за што би требало да се плати сума од околу седум милиони евра. Оваа коалиција имала и по околу девет часа на „А1“ и на „Сител“, за што долгот изнесува по околу три милиони евра. СДСМ, пак, имала вкупно реклами од 12 часа, 55 минути и 21 секунда, од што најмногу, околу седум часа, се емитувани на „А1 „ и за што би требало да се плати околу 2,5 милиона евра. Долгот за остатокот од околу пет часа реклами на „Канал 5“ изнесува околу 1,8 милион евра. ПЕИ објавила околу три часа на „А1“, а ДУИ и ДПА по околу два часа. Претставниците на телевизиите повеќепати досега изјавуваа дека тие имаат деловно право да им одобруваат попусти на политичките партии за објавените реклами. Големите попусти што ги определуваа телевизиите во досегашните изборни циклуси беа главната пречка зошто партиите не можеа да бидат санкционирани за пречекорувањата во финансирањето на изборната кампања.
„Канал 77“ најизбалансиран медиум
Штипското радио „Канал 77“ најизбалансирано известувал за изборите, а МТВ 2- Програма на албански јазик, МТВ 1 и телевизијата „Сител“ имале најнеизбалансирано известување во прилог на ДПА и коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Најчести прекршувања што ги забележал Советот за радиодифузија во изборната кампања биле користењето ТВ-програма што не е поврзана со изборите, а била во нивна функција, емитување огласи и реклами на органите на власта и друго.
Извор: Дневник