Ако се има предвид дека изградбата на енергетските проекти трае по неколку години, тогаш пролонгирањето на термините за нивно започнување не е нималку безначајно. Дополнително, и државата губи значителни инвестициски средства. Портпаролот на Владата, Ивица Боцевски, изјави дека, бидејќи станува збор за многу важни тендери, сегашната техничката влада не може да стави потпис на документите, туку ќе се чека прво да се конституира новиот состав на владата.
Инаку, станува збор за ХЕЦ „Бошков мост“, ХЕЦ „Чебрен“ и ХЕЦ „Галиште“, потоа за тендерот за малите хидроцентрали, како и тендерот за консултанти кои треба да го утврдат моделот на приватизација на ЕМО и ОХИС. Завршната документација за сите овие тендери ќе тапка во место уште неколку месеци.
За двете централи – „Чебрен“ и „Галиште“, кои треба да се градат на Црна Река, а за кои се во трка германските компании РВЕ и „Вербунт“, требаше финансиските понуди да се отворат на крајот на мај и да се избере поповолната, по што следува потпис на договорот за концесија со инвеститорот. Изградбата на централите, според тендерските правила, требаше да започне идната пролет и да трае седум години. Компанијата РВЕ најави дека е подготвена да инвестира 500 милиони евра во проектот. Инаку, двете централи би произведувале 1.100 гигават-часа струја годишно.
Договорите со концесионерите за 28 -те мали хидроцентрали требаше да се парафираат уште во април, но работите закочија и поради тоа што Владата не ја разреши министерката за економија во оставка, Вера Рафајловска, и поради стартот на изборната кампања. Изградбата на првиот пакет од вкупно 400 мали централи, требаше да започне за една година, а на секои пет месеци да се распишуваат тендери за нова група мали централи, така што до крајот на 2009 година да се заокружи целиот пакет. Инаку, со нивното пуштање во работа треба да се задоволат 10 проценти од потребите за струја во државата.
Пролетва беше распишан тендер за избор на консултант за приватизација на се' уште државните претпријатија ЕМО и ОХИС, на што се чека со години, но консултант се' уште не е избран. Беше најавено дека квалификуваните компании на тендерот за ХЕЦ „Бошков мост“ ќе се повикаат во Министерството за економија за да ги достават своите понуди, но и таму состојбата е статус кво. Инаку, изградбата на ХЕЦ „Бошков мост“ требаше да започне до крајот на годинава и да трае четири години. Инвестицијата се проценува на 70 милиони евра, а централата треба да произведува просечно по 117 гигават-часа струја годишно.
Ако се изземе ХЕЦ „Козјак“, нови инвестиции во енергетиката нема околу 20 години, а побарувачката за струја постојано расте. Според сегашни состојби, на реализацијата на новите проекти и на протекувањето на новите количества електрична енергија државата ќе почека уште најмалку пет години.
Извор: Утрински весник