25.06.2008 Водите се ризичен сектор за корупција поради голем прилив на јавни пари. Милионските инвестиции во изградба на системи за наводнување, хидроцентрали и брани можат да бидат основа за развивање корупција во планирањето. Комплексноста на проектите што ги опфаќаат водите ги прават набавките профитабилни, а манипулациите тешко можат да се откријат.
Ова, меѓу другото, го нотира претседателката на „Транспарентност – нулта корупција“, Слаѓана Тасева, на вчерашната прес-конференција, кога го презентираше глобалниот корупциски извештај за 2008 посветен на корупцијата во управувањето со водните ресурси на „Транспаренси интернешенел“.
„Водата значи живот. Затоа уште сега треба да се спречува корупцијата во секторот води, бидејќи потоа ќе биде многу доцна. Сите влади треба да имаат стратегиска визија за тоа каква е состојбата со водите и како треба да се постапува со нив“, истакна Тасева.
Според неа, на отстранувањето на корупцијата во секторот води не треба да се гледа само од аспект на сиромаштијата. „Тоа прашање се' повеќе ја зголемува потребата од размислување какви механизми треба да се применат за да имаме достапни информации. Со градење јавна свест за реформи во начинот на кој се управува со водите ќе може да се влијае на правото на искористување на водниот потенцијал и со тоа да се спречи корупцијата“, потенцира Слаѓана Тасева.
Прашањето за намалување на корупцијата во секторот води заслужува да добие јавност, е главната порака на реномираната меѓународна организација „Транспарентност“.
Извор: Утрински весник