19.07.2008 Државата, доколку оцени дека станува збор за национален интерес, во иднина ќе може да стави рака врз значајни енергетски капацитети. Ова е суштината на новините во законите за експропријација, а поврзани со Законот за енергетика, кои вчера по итна постапка ги донесе Собранието, и покрај реакциите во стручната јавност дека измените се донесени тајно, без поширока расправа и засегаат во интересите на инвеститорите. За измените и дополнувањата на Законот за експропријација гласаа 67 пратеници и ниту еден против и воздржан.
Како што образложи министерот за финансии, Трајко Славески, со одлука на Уставниот суд, во нашата земја повеќе не може да постои монополска положба во вршењето на дејностите во сферата на пренос на електрична енергија и природен гас, односно дека покрај јавните претпријатија во државна сопственост нив може да ги вршат и други правни субјекти. Според него, при состојба кога се упатува на потреба од постоење конкуренција при преносот на електрична енергија и природен гас, како дејности од јавен интерес, но и како природен монопол, може да се создаде еден субјект да биде носител на лиценца, а друг сопственик на системот за пренос. „За да не дојде до нарушување на јавниот интерес, односно до застој во снабдувањето со електрична енергија или природен гас, неминовно се налага потреба од промена на носителот на правото на сопственост на системите, а во функција на нивно користење“, истакна Славески.
Според решенијата во новиот Закон за експропријација, предвидено е доколку државата оцени дека станува збор за национален интерес, присилно да се експроприра, односно одземе имотот на секој што се занимава со пренос на струја или на природен гас. „Зградите, инсталациите и линиите за трансмисија на електрична енергија или природен гас кои произведуваат активности од јавен интерес можат да бидат одземени“, се вели во законот. Ова, според дел од стручната јавност, може да доведе до тешки последици кои се карактеристични за некои непопуларни режими од Јужна Америка, кои извршија национализација на енергетски објекти. Странски инвеститори веќе гласно негодувале и стравувале за своите инвестиции во земјава, велат извори, кои сакаат да останат анонимни. Тие сметаат дека со новите решенија Владата би можела да стави рака врз „Гама“, но и други капацитети кои се целосно во странска сопственост. Прашање е како Европската комисија ќе ги оцени овие измени, особено ако се знае дека измените во Законот за енергетика еднаш веќе добија негативна оцена во Брисел, по што Владата беше принудена да се повлече од своите намери.
Извор: Утрински весник