10.09.2008 Донесувањето на измените на Законот за енергетика, дури во трет обид, и пречекорувањето на политичките партии на лимитите за финансирање на кампањите се, речиси рамноправно, најматни настани во август.
Ова е оценка на 17 главни уредници во највлијателните печатени и електронски медиуми во Македонија, во анкетата „Бистро – Матно“ на Независната новинска агенција Макфакс и на невладината организација „Транспарентност – нулта корупција“.
Според гласањето, најбистар настан, е поднесување на кривична пријава против вработен во Фондот за здравствено осигурување, обвинет за измама.
Најматен настан во август, според оценка на 8, од 17 главни уредници, е донесувањето на измените на Законот за енергетика, во трет обид, што е преседан во работата на Собранието. Причини има повеќе. Најнапред, за овие измени, не се чекаше на согласност од Европската комисија, иако Брисел реагираше уште кон крајот на минатата година. Повод беше правото на ЕЛЕМ да продава и тргува со струја со што според, експертите, постои опасноста од создавање монопол на пазарот кој никој нема да може да го контролира.
Покрај тоа, со измените на Законот за енергетика се крши и Договорот меѓу Македонија и Австрија за поттикнување на инвестициите, склучен во 2002 година. Тоа може да ја чини државата повеќе стотици милиони евра, бидејќи компанијата ЕВН-ЕСМ најверојатно ќе ја тужи Владата, пред меѓународен суд. Австриската компанија оценува дека со Законот се менуваат условите за стопанисување, поради што ќе има загуби.
На второ место на листата на матни настани, со 7 гласа, е пречекорувањето на дозволениот лимит за кампањи на предвремените парламентарни избори, од страна на двете најголеми коалиции предводени од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ.
Оценките за ова, во август, ги соопшти Државната комисија за спречување на корупцијата. Во прелиминарните заклучоци на комисија не се наведени мерките што ќе се преземат или треба да бидат применети против партиите. Двете партии прикажале поголеми расходи, а во нивните извештаи недоволно се прецизирани изворите на финансирање на кампањата. Антикорупциската комисија укажа и на пропустите кај медиуми, кои дозволувале нарачателот на платеното политичко претставување да биде непознат, што не е дозволено.
Третиот предлог на најматни настани, соопштението на Управата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам (УСППФТ), дека неколку банки имале некооперативен однос во борбата против перењето на пари, доби 2 гласа во анкетата.
На листата на бистри настани со 9 гласа, на прво место е поднесување кривична пријава против вработен во Фондот за здравствено осигурување-подрачна во Струга поради основи за сомневање дека измамил шест лица ветувајќи им дека ќе им обезбеди, предвремени инвалидски пензии. Тој тврдел дека е во исклучително добри односи со докторите од инвалидската комисија.
Одлуката на Министерството за транспорт и врски на Владата поднесувањето и доделувањето на сите видови дозволи за меѓународен превоз на стоки задолжително да се врши по електронски пат е на второ место на листата на најбистри настани во август, со 7 гласа. Еден од учесниците во анкетата не гласаше во оваа категорија.
Анкетата „Бистро – Матно“, во која учествуваат главни уредници на национални медиуми, како дел од борбата против корупцијата се спроведува од декември 2004. година. Во анкетата за август учествуваа телевизиите, А1, Алсат, Алфа, Канал 5, радио Канал 77, интернет порталот Лоби, дневните весници Бизнис, Вечер, Вест, Време, Дневник, Лајм, Утрински весник, Нова Македонија, неделниците Глобус, Капитал и Фокус.