20.09.2008 Останува тајна кој ги финансираше кампањите на политичарите за време на вонредната изборна трка. Со тенки извештаи, кои повеќе личат на сметки од бакалница, а не и на сериозен отчет, партиите јасно ставаат на знаење дека не дозволуваат влез во трага на парите. Наспроти законската обврска, во последните два изборни циклуса, 2006 и 2008, политичарите ги кријат спонзорите кои плаќаат за спектакуларни митинзи, скапи телевизиски спотови, рекламен материјал, маркетинг-агенции…
Јавноста останува без одговори кој, како и зошто инвестира во избори. Невладините тела редовно повторуваат колку е важна отвореноста. На ова потсетуваат и ОБСЕ/ОДИХР за кои молчаливоста на учесниците во изборната трка е недозволива.
Ноншалантноста и лежерноста во тој поглед е разбирлива, бидејќи партиите знаат дека ќе бидат на раат и дека никој нема да им диши во врат. А како политичките субјекти да не се чувствуваат слободни и семоќни кога надлежните институции редовно ги заобиколуваат нормите и мерките за отчетноста на избори. Затоа и не треба да се очекува од никого да ја сотре изборната корупција оти таков нема.
Чуден е и односот на Државната изборна комисија која речиси три месеци по изборите не најде време јавно да прозбори за партиските финансиски извештаи, за пробиените лимити, за санкции. Кога ќе одржиме седница за ова прашање ќе бидете известени, е лаконскиот одговор од ДИК.
„Многу лесно може да се влезе во трага на парите што се трошат за избори. Надлежности во тој поглед имаат Управата за јавни приходи, Државниот завод за ревизија, Дирекцијата за спречување перење пари, Финансиската полиција. За се' има механизми, ама не се спроведуваат во практика. Како што се следи паричен прилив-одлив за физичко лице или за компанија, на ист начин се следи и влез-излез на финансиите кои се на партиските сметки. Работата е во тоа што институциите можат, ама не сакаат да го направат тоа“, изјави за „Утрински весник“ универзитетската професорка Слаѓана Тасева, инаку поранешна претседателка и членка на Антикорупциската комисија.
Според неа, постојат примери во други држави, како на пример во Бугарија, каде што ревизорската куќа има увид во посебните сметки на партиите за изборните кампањи уште од денот на нивното отворање. Тие податоци се јавни и се објавуваат. „Партиите кои не ги почитуваат законските обврски не само што се казнуваат, туку им се забранува учество на наредните избори“, објаснува Тасева.
Нејзините очекувања се дека наскоро нешто ќе се смени во тој поглед и дека ќе се установат точни правила, почнувајќи од измени во Изборниот законик, а ќе треба да се коригираат и законите што се однесуваат на институциите. Тасева посочува дека третата евалуација на меѓународната организација ГРЕКО, што ќе се одржи во 2009 година, е посветена токму на прашањето за финансирање на партиите. „За сето ова веќе е известена и Владата“, нагласи претседателката на „Транспарентност-нулта корупција“, Слаѓана Тасева.
Проблемот е долгогодишен, поминува пред очи, ама никој не сака да го види, коментираат експертите. За нив нема друго објаснување освен едно – дека постои премолчен договор, да не се чепка во така жешка тема како што е тоа кој финансира во избори. Се' е во политичката волја и додека таква не се создаде ништо нема да се промени во веќе исполитизираната борба против изборната корупција, коментираат стручњаците.
„Финансиските извештаи што ги приложија политичките партии по предвремените избори се нецелосни, нејасни, непрецизни, а прикажаните трошоци нереално ниски. Во нив нема податоци за вкупниот износ на средствата, изворите на финансирањето и направените трошоци“, оценува претседателот на „Транспарентност Македонија“, Сашо Орданоски. Тој ја повика Антикорупциската комисија да ги врати финансиските извештаи со цел политичките партии да изработат нови, реални и транспарентни.
Орданоски смета дека сите партии кои употребиле јавни средства во нивната кампања, односно ги пробиле дозволените лимити, треба да платат соодветна глоба.
Антикорупциската комисија и државниот ревизор треба да имаат увид во партиските сметки за време на кампањата, а не подоцна, вели во неодамнешна изјава професорката на Правниот факултет, Гордана Силјановска. Според неа, нема казни за непочитувачите на законските правила, како враќање на парите што од буџетот им се исплаќаат на партиите кои освоиле пратенички места, па и одземање на мандатите.
„Како да е молчешкум дозволено да не се откриваат финансиерите на кампањите, а токму во предизборниот период, всушност, се прават подземните конекции со бизнис-групите. А зборуваме за правна држава. Кај нас има случаи еден финансиер да дава пари за кампањите на повеќе партии и тоа се крие. Во законот мора да има одредби кои детаљно ќе го опфатат финансирањето на кампањите. Со децении се употребуваат државни средства за изборни кампањи“, коментира Силјановска.
Државната комисија за спречување на корупцијата во пресрет на скорешните најавени измени во изборното законодавство подготви неколку препораки. Меѓу другото, бара да се заострат казните за кршењето на изборната регулатива во сферата на финансирањето на изборните кампањи.
„Во Изборниот законик да се разграничат видовите на извори на финансирање. Потоа, да се регулира прашањето дали политичка партија може да биде спонзорирана или само да користи донации и во каква форма. Да стане јасно дали партијата може да користи заеми и дали за изборна кампања може да се користат средства од редовната сметка, со оглед на обврската за посебна-строго наменска сметка“, објаснува претседателката на ДКСК, Мирјана Димовска. Според неа, неопходен е единствен образец за финансиските извештаи на партиите, како и установување обврска за медиумите да информираат за дадените попусти во политичкото рекламирање.
Извор: Утрински весник