02.10.2008 Евроинтеграцискиот процес на Македонија зависи од напредокот што ќе се направи во имплементацијата на политичките критериуми, а кои бараат стабилни институции и гарантираат демократија и владеење на правото.
Ваква порака денеска во Брисел добил македонскиот претседател Бранко Црвеновски на средбата со еврокомесарот за проширување Оли Рен.
Како што соопшти Kабинетот на Црвенковски на средбата станало збор за европскиот пат на Македонија, при што Рен подвлекол дека Европската комисија и членките на ЕУ ја споделуваат целта за интеграција и членство на Македонија во Унијата.
Еврокомесарот Рен нагласил дека политичкиот дијалог е важен елемент за добро функционирање на демократијата, и дека е неопходно сите мерки да бидат исполнети за наредните избори да бидат слободни, фер и да одговорат на меѓународните стандарди.
Рен го пофалил напредок во однос на неколку важни политички прашања, како што се законот за јазиците, судските и политичките реформи, но додал дека Комисијата ќе направи детална анализа во извештајот за напредокот кој ќе биде презентиран на почетокот на ноември, а кој ќе биде објективен, правичен и балансиран.
Претседателот Црвенковски изразил уверување дека во Македонија постои политичка волја и институционален капацитет да се зголемат напорите и во наредниот период да се надомести пропуштеното во изминатите месеци.
Црвенковски, иако не е дел од критериумите, го запознал Рен за процесот на преговори со Грција околу спорот за името, при што истакнал дека доколку се демонстрира добра политичка волја од двете страни можно е да се дојде до решение.
Двајцата соговорници разговарале и за регионални прашања. Еврокомесарот Рен ја поздрави конструктивната улога на Македонија во однос на Косово, како и континуираната поддршка за регионална соработка и напредок на Западен Балкан.
Црвенковски попладне треба да оствари средби и со Генералниот секретар на НАТО, Јап Де Хоп Шефер, како и со Високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Хавиер Солана.