05.10.2008 Македонија направи одреден прогрес, но не ги исполни политичките критериуми, се наведува во стратегијата за проширување што денеска ја објави Европската комисија.
Парламентарните избори во 2008 година не ги исполнија меѓународните стандарди, а препораките на ОБСЕ/ОДИХР треба да бидат целосно исполнети, се наведува како главна забелешка во документот на комисијата во Брисел.
Комисијата има забелешки и за недостигот на конструктивен политички дијалог меѓу главните политички партии и актери, што се одразува врз функционирањето на политичките институции, но додава дека сега се зголемени напорите за зајакнување на политичкиот дијалог.
Потребни се и дополнителни напори за исполнување на клучните критериуми за членство, смета Европската комисија.
Имплементацијата на Охридскиот договор придонесува за консолидацијата на демократијата и владеењето на правото, со усвојувањето на законот за јазиците, но потребни се дополнителни напори за исполнување на целите на Рамковниот договор.
Значителни напори препорачува комисијата за унапредување и одржување на политичкиот дијалог, потсетувајќи на бојкотот на опозицијата во Парламентот и раширената употреба на итната постапка во Собранието при донесувањето на законот.
Напредок има во реформите на јавната администрација со воведување на системот на наградување и постојана обука, но загрижува политизацијата на повисоки претставници во полицијата.
Комисијата нотира добар прогрес во судските реформи, но препорачува натамошно зајакнување на судството како независно и ефикасно, како и вработување во судството и буџетска рамка.
Прогрес е направен и во имплементацијата на антикорупциската политика, но сепак корупцијата останува распространета и претставува сериозен проблем.
Законската и институционалната рамка за заштита на човековите права и малцинствата е застапена, но потребни се дополнителни напори за имплементација во повеќе области.
Македонија, како што се наведува генерално има добри односи со сите земји во регионот. Односите со Грција се оптоварени со нерешеното прашање за името и треба да се избегнуваат акции и изјави кои негативно се одразуваат на добрососедските односи. Суштинско останува изнаоѓањето на заедничко прифатливо решение за името под покровителство на Обединетите нации.
Што се однесува до економските критериуми Македонија добро напредува и е се поблиску до функционално пазарно стопанство. Меѓутоа причина за загриженост останува високата стапка на невработеност. Негативно влијание врз бизнис климата и беспрекорното функционирање на пазарната економија имаат слабоста на институциите и недостатоците во владеењето на право.
Ова се наведува во Стратегијата за проширување на ЕУ за 2008/09 што заедно со извештаите за напредок на земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство денеска во Брисел ги усвои Европската комисија.
Македонија е кандидат за членство во ЕУ од декември 2005 година и се уште чека да добие датум за почеток на пристапни преговори со Европската унија.
Извор : Макфакс