12.11.2008 Продолжувањето на праксата високи службеници и функционери од владините ресори да членуваат во управните и надзорните одбори на јавните институции е најматно во октомври, со седум гласа во анкетата „Бистро – Матно“.
Во анкетата „Бистро – Матно“ на Независната новинска агенција Макфакс и на невладината организација „Транспарентност – нулта корупција“, учествуваа 19 главни уредници во печатени и електронски медиуми во Македонија.
Во тек е постапка за утврдување дали е прекршен законот за спречување на корупција, со членството во одборите на шестмина службеници, што беше објавено во медиумите минатиот месец: Експертите предупредуваат на партизација.
Најбистар настан е операцијата „Пепел“ против нелегалното производство на цигари на криминалната група на кумановскиот бос Бајруш Сејдиу, за која гласаа 16 уредници. Акцијата резултираше со неколку десетина притворени и запленети над 20 тони цигари произведени во Тутунскиот комбинат Куманово, но и на триесетина парчиња оружје.
Акцијата „Пепел“ отвори и сомневања за масовна корупција во редовите на кумановската полиција, откако Министерството за внатрешни работи ги разреши челните луѓе во локалната полиција и смени над шеесет полицајци. МВР воведе принудна управа во кумановската полиција, која треба да изврши реорганизација и да воведе ред во следните шест месеци.
Сомнежите за голема корумпираност на локалната полиција, со шест гласа го дели второто место на списокот во матни настани заедно со случајот на пратеникот на ДУИ Хисен Џемаили обвинет за инволвираност во малтретирањето на градежните работници за време на конфликтот во 2001 година.
Џемаили, иако во Парламентот јавно вети дека ќе се појавува рочиштето во скопскиот кривичен суд, досега тоа не го стори. Лидерот на ДУИ Али Ахмети изјави дека има поважни работи отколку да знае каде е членот на неговата партија и пратеник.
Три „бистри“ гласа доби поништувањето на продажбата на Велешка топилница. Скопска апелација ја поништи одлуката на велешкиот суд, со која фирмата „Метрудхем“ ја купи оваа фабрика. Тендерот се водел со многу неправилности, стои во решението на повисокиот суд.
Анкетата „Бистро – Матно“, во која учествуваат главни уредници на национални медиуми, како дел од борбата против корупцијата се спроведува од декември 2004. година. Во анкетата за октомври учествуваа телевизиите, А1, Алсат, Алфа, Канал 5, Телма, Сител, радио Канал 77, интернет порталот Лоби, дневните весници Бизнис, Вест, Вечер, Време, Дневник, Лајм, Утрински весник, Нова Македонија, неделниците Глобус, Капитал и Фокус.