Проектот кој започна во јуни, а заврши во септември годинава, преку седум различни прашалници наменети за компетентни лица и фокусни групи имаше за цел да го формира мислењето околу клучните приоритети и услови кои Европската унија и ги постави на Македонија, како и нивната имплементација во земјава.
– Целта на денешната тркалезна маса е да се заклучат ставовите кои се значајни за земјава, да се извлечат суштинските проблеми и околу нив да се надградува целиот систем. Треба да се излезе од квантитативното и да се мисли на квалитетот, што сме постигнале и што добивме од реформскиот процес, рече Слаѓана Тасева претседателката на „Транспарентност-нулта корупција“.
Во проектот се опфатени политичкиот дијалог, Законот за корупција, Законот за полиција, реформите во јавната администрација и судството, политиката на вработување и деловната средина.
Според резултатите, потребно е зајакнување на Собранието на Република Македонија, антикорупциското законодавство недоволно се познава и нередовно се имплементира и не постои ефикасна борба против корупцијата. Има појава на политизација на институциите и политичко влијание врз изборот на судии во судовите. Платите се мали, стои во извештајот, а мотивацијата за работа е на ниско ниво.
– Извршените анализи велат дека нема политички независна администрација, но и ефикасен механизам за наградување на оние кои напреднуваат во кариерата. Постоечките закони се спроведуваат на ниско ниво, без етички кодекс и правила, истакна Тасева.
Во однос на политиката на вработување, во резултатите од проектот стои дека постои силна политизација, а нема доверба и соработка меѓу институциите. Влијанието на политиката врз бизнисот е намалена, според извешајот, но слабата комуникација меѓу властите лошо влијае на деловната клима.
Присутните на тркалезната маса главно дебатираа околу споредбата на резултатите од проектот со извештајот на Европската комисија кој беше соопштен на 5 ноември годинава. Според нив, извештаите се слични, но мора да се извлечат суштинските прашања и проблеми за да се подобри реформскиот процес.
– Мора да создадеме механизми за состојбите, бидејќи сите ги познаваме недостатоците во нашата земја. Треба да го дадеме сопствениот придонес за подобрување на условите во општеството и секојдневието, додаде Тасева.
Проектот финансиски е реализиран од Владата на Кралството Норвешка, а со поддршка од Владата на Република Македонија, Делегацијата на ЕУ во Скопје, Собранието на Република Македонија и деловниот сектор во земјава.
Извор : МИА