ПОДДРШКА И ПРИВИЛЕГИИ
Антикорупциската комисија укажува дека Владата не треба да троши државни, буџетски пари на реклами со кои се фали себеси. Од друга страна, претседателката на невладината Транспарентност-нулта корупција и декан на Правниот факултет на Првиот европски универзитет, Слаѓана Тасева, нагласува дека ваквите кампањи се незаконски и поради тоа што не се спроведуваат според Законот за јавните набавки и не се транспарентни.Во најновата владина кампања „24 часа на ден/седум дена во неделата, преродбата продолжува“, учествуваат познати лица од естрадата и уметноста за промоција на успесите постигнати во првите 100 дена од почетокот на работата на новата власт. Антикорупциската комисија уште пред една година ја информира Владата дека треба да се воздржува од себерекламирање.
– Не може да се каже дека јавните личности што се појавуваат во вакви кампањи се корумпирани. Некои од нив учествуваат во изборните кампањи и тоа го наплаќаат. Тоа што ја поддржуваат Владата не е кривично дело, а прашањето за етичките норми за учеството во вакви кампањи е лична работа. Друго е кога некој преку такво нешто добива извесни привилегии што другите луѓе не можат да ги добијат. Тоа е нееднаквост, па и корупција. Корупцијата е конкретно дело. Познати се случаи кога универзитетски професори правеле лоши договори, како оној за продажбата на „Окта“, за што зеле големи пари. Но, нив не можеме да ги обвиниме, туку оној што ги потпишува таквите договори. Слично беше и со првиот закон за трговски друштва, кој остави илјадници луѓе на улица – објаснува Тасева.
РЕКЛАМИ ЗА ПРОЕКТИ
Во Државната комисија за спречување на корупцијата велат дека е битна целта на кампањите. Едно е да се трошат пари за кампањи со кои граѓаните се информираат за некоја новина што се воведува, а сосема друго е државните пари да се трошат за себефалење. Владата има право да располага со државните пари, но треба да внимава како и за што тоа го троши. За тоа како Владата ги троши буџетските пари треба да се заинтересира и Собранието – велат во антикорупциската комисија.За Тасева, вакви разлики нема.
– И едните и другите служат за информирање на јавноста. Пожелни се единствено кампањите за подигање на јавната свест за суштински прашања, без оглед дали станува збор за екологија, енергетика, корупција. Но, ние гледаме само рекламирање на Владата, на еден нејзин тим, на политичката програма на една партија, а тоа е злоупотреба. Преку тие кампањи граѓаните не добиваат ниедна корисна информација повеќе, туку нивните пари се користат за промоција на десетина луѓе – вели таа. Тасева нагласува дека на секоја кампања мора да и' претходи јавна набавка што ќе биде транспарентна. Ваквите кампањи мора да се изведуваат по претходно спроведена јавна набавка. Таа мора да биде огласена на веб-страницата на Бирото за јавни набавки и да се знае кој дал најдобра понуда, кој е изведувач, колку чини и слично. Овие кампањи се прават без да се почитува Законот за јавните набавки, а тоа е кривично дело против службената должност, јавните финансии и платниот промет. Институциите за контрола, како Бирото за јавни набавки и внатрешната ревизија на Министерството за финансии, мора да реагираат – вели Тасева.
ИНФО-Преродба и естрада
Во најновата Владина кампања „24 часа на ден/седум дена во неделата, преродбата продолжува“, учествуваат познати лица од естрадата и уметноста за промоција на успесите постигнати во првите 100 дена од почетокот на работата на новата власт. Тоа што ја поддржуваат Владата не е кривично дело. Друго е кога некој преку такво нешто добива извесни привилегии што другите луѓе не можат да ги добијат, вели Слаѓана Тасева.
Извор : Дневник