Експертите сметаат дека измените на Законот за следење на комуникациите беше донесен без јавна дискусија и без да се консултира стручната јавност, иако станува збор за закон кој навлегува длабоко во човековите права и слободи загарантирани во Уставот. Со измените се овозможи полицијата да ги применува специјалните истражни мерки и кога само се сомнева дека некој ќе стори кривично дело без за тоа да има ни основано сомневање.
БУРНА ДИСКУСИЈА
– Мерките, меѓу кои и прислушувањето, може да се применуваат за широк круг дела, макар да станува збор и за најобично примање и давање мито меѓу двајца луѓе, значи без да постојат елементи дека учесниците во тој коруптивен чин се дел од организирана група. Значи ли дека борбата против корупцијата треба да се води на сметка на кршење на правата на луѓето? Европската комисија од нас бараше да се овозможи законско прислушување на некои, а не на сите дела од областа на корупцијата. Во Уставот се зборува за примена на овие мерки во случаи на организиран криминал и тероризам, а не за корупција. Дали во меѓувреме корупцијата во Македонија стана толку голем проблем? – праша Гордан Калајџиев, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“.Бурна дискусија предизвика становиштето на Маковеј дека прислушувањето е неопходно и при најпростиот облик на корупцијата – примање и давање мито и дека тоа е пракса во многу други европски држави.
– Во Македонија прислушување можеше да се примени законски само откако ќе се дадеше мито на професор, судија, полицаец или друг државен службеник. Во голем број случаи тоа е бескорисно. Како ќе знаеме дека се дава мито ако полицијата не се вклучи однапред? – рече Маковеј.Таа потсети дека една од препораките на мониторинг мисијата на ЕК, која стана и дел од критериумите, беше воведување на можноста да се прислушуваат случаи на корупција. Маковеј информираше дека учествувала во работната група на МВР која работеше на измените на законот, а во која учествуваа и в.д.обвинителот на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Јован Илиевски, и други обвинители и судии.
– Не знам ни една држава која не применува вакви мерки пред да бидат извршени делата за да ги фати сторителите на дело. Како гаранција за човековите права во законот внесовме дека судиите се тие кои даваат одобрение за спроведување на овие мерки. Освен тоа, судската власт и Собранието треба да можат да контролираат дали видеоснимките и транскриптите се уништуваат согласно законот. Во многу европските држави, за разлика од Македонија, полицијата може без да бара одобрение од судија да применува вакви мерки без судско одобрение од 24 часа до една недела – рече Маковеј.
КЛАСИЧНИ МЕРКИ
На примената на прислушувањето при обичен поткуп, реагираше Јован Јовчевски, вработен во МВР. Според него, ако веќе се знае дека некој некому ќе дава мито, тогаш за фаќање на сторителот може да се употребат класични полициски методи, како што е на пример бележењето на парите.
– Повеќе години сум работел на такви случаи и точно знам како се изведуваат тие акции. Ако веќе имате информации дека тоа ќе се случи, што ново во врска со тоа ќе дознаете со прислушувањето? – прашува тој и ги посочи случаите „Змиско око“ и „Југ“, каде применетите посебните истражни мерки биле целосно промашување.
Професорот Звонимир Јанкуловски од Американ колеџ рече дека класична полициска реченица е „тој што нема што да крие, нема од што да се плаши“.
– Со прислушувањето дури и на најтешките видови криминал се слушаат разговорите и на трети лица кои воопшто не се инволвирани во криминал. Во САД постои регулатива според која се паузираат приватните разговори при истражување на криминални случаи. Никој нема контрола врз работата на ДБК, а собраниската комисија функционира само на хартија. Дирекцијата за заштита на лични податоци доби законска дозвола да врши увид во податоците на МВР и ако најде вакви приватни податоци, кои треба да се уништуваат, тоа е кривично дело – рече Јанкуловски.
Калајџиев потсети на изјава на министерката за внатрешни работи дека МВР „толку многу прислушува криминалци што нема време да прислушува политичари“.
– Иако е законска обврска, нема ни еден извештај за бројот на извршените прислушувања, за кои случаи биле применети, колку придонеле за ефикасно санкционирање на сторителите… Тоа е основно за да знаеме дали воопшто ни е потребна служба како ДБК и дали и колку треба да се вложува во нејзиното натамошно техничко опремување – рече Калајџиев.
ИНФО-Не се знае бројот на прислушувањата
Борбата против корупцијата не треба да се води на сметка на кршење на правата на луѓето, смета професор Калајџиев, а неговиот колега Јанкуловски рече дека во САД постои регулатива според која се паузираат приватните разговори при истражување криминални случаи.Како гаранција за човековите права во законот внесовме дека судиите се тие што даваат одобрение за спроведување на посебните истражни мерки, вели Маковеј. Иако е законска обврска, нема ниту еден извештај за бројот на извршените прислушувања.
Извор: Дневник