28.11.2008 Коалицијата ,,Македонија Нулта корупција,, ја продолжи својата активност со одржување на трибина во Штип. Целта на трибината е запознавање на граѓаните со улогата на Коалицијата, детектирање на проблемите на корупцијата, односно охрабрување и вклучување на граѓаните во борбарта против оваа појава, како и други проблеми со кои се соочуваат овие граѓани во секојдневието на заедницата во која живеат.
На трибината учествуваа околу 30 претставници од разни невладини организации, локалната самоуправа, медиуми, како и други учесници од регионите на овие делови на Република Македонија.
Трибина беше одржана во организација на “Транаспарентнсот-Нулта корупција” и на организацијата домаќин “ГИЦ Спектар” од Штип, членка на Коалицијата.
Уводно излагање во овие трибини имаше претседателот на "Транспарентост-Нулта корупција", д-р Слаѓана Тасева.
На трибините, учесниците отворено и храбро дискутираа за многу прашања и проблеми со кои тие се соочуваат при секојдневните контакти не само со органите на локалната самоуправа , него и пошироко во државата.
Како најсериозни проблеми граѓаните на овие региони ги истакнаа проблемите со урбанизмот, имотно-правните односи, невработеноста, и проблемите на непотизам при вработување, здравството, образованието, проблемите на младите и друго.
Коалицијата “Македонија-Нулта корупција” е основана во месец септември 2008 година и во неа членуваат 18 невладини организации од целата територија на Република Македонија. Целта на Коалицијата е унапредување на демократските процеси во земјата и борбата против корупцијата.