14.12.2008 Нејасните зделки околу струшкиот хотел „Изгрев“ во кои влезе Македонската православна црква (МПЦ), која никако не успева од излезе од аферата, со седум гласа е најматен настан во ноември анкетата „Бистро – Матно“.
Во анкетата на Независната новинска агенција Макфакс и на невладината организација „Транспарентност – нулта корупција“, во која учествуваа 17 главни уредници во печатени и електронски медиуми во Македонија, немаше предлози за бистри настани.
Матните купопродажни договори за „Изгрев“, стари седум години, за што се заинтересираа Обвинителството, полицијата и Дирекцијата за спречување перење пари, деновиве повторно се актуелизираа.
Црквата преку Скопската епархија, на лицитација за 1,5 милиона евра по втор пат го купи хотелот. Не е јасно дали МПЦ и ќе биде сопственик бидејќи Банката ЛХБ од Германија тврди дека со фалсификат била избришана од листата на доверителите во имотниот лист на Изгрев.
Банката бара 5,2 милиони евра од фирмата „Миладинови ДОО“, која заеднички ја основале МПЦ и браќата Димитар и Ѓорѓи Миладинови од Струга. Побарувањата се врз основа на кредити при што хотелот бил ставен во залог. МПЦ уште во 2001 година го купи „Изгрев“, а потоа како залог го загуби. Во сите зделки нејасни се и уделите на МПЦ и на браќата Миладинови во хотелот.
Втор на списокот матни настани во ноември со шест гласа е аферата „Змиско око“, еден од најмасовните судски процеси во Македонија и едно од ретките судења за организиран криминал, кое што заврши со фијаско. Во процесот не беше докажано обвинението за злосторничко здружување и организиран криминал.
Од вкупно 72 обвинети, 57 се условно казнети, а тројца се ослободени. Осудени се само 12 лица, на казни, од две до четири години и тоа поради злоупотреба на службената положба.
Третото матно место со четири гласа го добија сите засегнати институции и поединци кои бегаат од одговорноста за невидената узурпација на Кејот во центарот на Скопје.
Градот Скопје и општината Центар си ја префрлаат вината околу тоа кој прв издал дозвола и јаловата приказна се врти во круг, додека од Министерството за внатрешни работи тврдат дека нивната согласност не била обврзувачка. Исто така не се презема ништо за отстранување на руглото од лимени табли, со кои на граѓаните им е одземено шеталиштето.