Така што останува мистерија каде ќе се промовира Македонија како туристички, цивилизациски и археолошки рај. Во весникот „Дневник“ пред две недели излезе огласот за изработка на спотовите за промоција на Македонија како туристичка дестинација, за промоција на Охрид, на македонското вино, на македонските цркви и манастири и за промоција на Македонија како археолошки рај, кој го распиша Генералниот секретаријат на Владата.
Но, генералниот секретар на Владата, Стојан Тодоров, е презафатен, неговата дневна агенда е пребукирана од состаноци и нема време за одговор на новинарски прашања во врска со овие пет спота. И владиниот портпарол Шефик Дураки, како што ни кажа самиот, тешко доаѓал до генералниот секретар. Дураки повеќе од една недела не успеа да добие од Тодоров одговор на споменатите прашања, испратени по електронска пошта за да имал „генералниот секретар документирано што точно сака да знае ’Утрински’“.
Отсуството на официјални податоци и избегнувањето да се дадат елементарни информации за рекламите имплицира дека во приказната со владините реклами можеби има нешто сомнително. Такви сомнежи јавно искажуваат повеќе невладини организации и опозицијата.
Потпретседателот на СДСМ, Јани Макрадули, многу пати од собраниската говорница и во јавните настапи ја критикувал Владата дека претерува со себефалење. Макрадули напоменува дека Владата зема кредити и се задолжува, а со буџетски пари се рекламира и не кажува колку троши. „Лицемерно е Владата да се залага за некаква транспарентност со граѓаните, а три години не кажува колку пари дава за реклами. Очигледно, овие спотови се наменети да се платат услугите за рекламната кампањи на ВМРО-ДПМНЕ за претседателските и за локалните избори. Оние агенциски куќи што прават разни кампањи на Владата потоа за багателни цени ги прават кампањите на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Макрадули. Тој нагласува дека власта ги окупира најгледаните термини во електронските медиуми. „Власта има монопол на медиумскиот простор со повеќемесечен закуп, особено на термините пред вестите, за да ги оневозможи другите партии да се рекламираат пред изборите“, смета Макрадули.
Претседателот на Советот за радиодифузија, Зоран Стефаноски, констатира дека Владата претерува со кампањите во медиумите и дека досега не е забележано такво нешто. Тој вели дека Советот реагирал, но е немоќен да стави крај на ваквото агресивно рекламирање, бидејќи нема законска пречка Владата да се однесува на ваков начин.
„Ова е случај без преседан, Владата се рекламира 365 дена во годината. Покрај оние кампањи од јавен интерес, одат и други со кои Владата ги промовира своите активности. Оваа практика мора да престане, особено во предизборието, инаку владејачките партии ќе бидат во повластена положба. Советот повеќе пати расправал на оваа тема, меѓутоа не постои закон што би ја спречил Владата да се саморекламира. Прашање на вкус е дали, како и колку Владата ќе го злоупотребува медиумскиот простор. Во секој случај, ваквото рекламно бомбардирање оди на штета на радиодифузерите, кои со банално долги телопи ја уништуваат програмата“, смета Стефаноски.
Претседателката на „Транспарентност – нулта корупција“, Слаѓана Тасева, вели дека Владата, наместо да се саморекламира, треба да го подигнува јавното мислење за прашања што се битни за македонските граѓани и за остварувањето на евроатлантските перспективи на земјата. „Владата троши буџетски пари за сопствена реклама и промоција на интересите на една политичка елита. Немаме информација колку пари досега се потрошени на силните реклами. Владата продолжува да биде нетранспарентна, но не може вечно да бега“, вели Тасева.
Притоа иронизира и додава: „Еднаш ќе мора да даде отчет и да каже колку пари се потрошени, ако нема простор во медиумите, тогаш со билборд на плоштадот ’Македонија‘ во Скопје“.
Тасева вели дека огласот за петте спота за промоција на Македонија „можеби е одглас на реакцијата во јавноста за рекламите, бидејќи првпат видовме тендер за владина реклама“. Но, не е преголем оптимист и порачува да почекаме и да видиме дали Владата случајот со рекламите ќе го отвори докрај.
Невладината „Транспарентност – Македонија“, предводена од Сашо Ордановски, најави дека ќе ја тужи Владата поради трошење државни пари за кампања.
Владата целосно се оглуши од критиките во јавноста дека безмилосно ги троши парите од Буџетот за саморекламирање и снимање долгометражни телевизиски спотови. Премиерот Никола Груевски во континуитет ги игнорира повиците да обелодени колку ја чини државата агресивната промоција на владините политики. Шефот на Владата и министрите во неговиот кабинет во изминативе три години не кажаа ниту збор за финансиите што се одлеаја за разни кампањи. Тимот на Груевски постојано е во медиумите, но сите без исклучок избегнуваат да зборуваат на оваа тема и пред новинарите се извлекуваат со добропознатото оправдување: „Не сме дојдени да одговараме на такви прашања!“
Извор: Утрински весник