25.12.2008 Отсуството на учениците од наставата во средните училишта ќе биде присутно се додека редовноста не влијае на оценката, и додека поведението нема влијание врз уписот во високото образование, се главните заклучоци од трибината на тема „Начин на евиденција за присутноста на учениците“.
На трибината, организирана од Транспарентност – нулта корупција, со цел да произлезат усогласени ставови за проблемот со големиот број изостаноци во средното образование, дебатираа директори, наставници и претставници на родителски одбори од средните училишта во Скопје.
Беше посочено дека главна причина за големиот број изостаноци е недоследноста и непримената на законот, нефункционирањето на педагошкиот триаголник наставник – родител – ученик, недоволниот број на педагози, психолози и социјални работници во училиштата, како и недоволната комуникација меѓу родителите и наставниците.
Проблемот со големиот број изостаноци беше лоциран кај наставниците кои ги штитат учениците, кај родителите кои кои за да го заштитат своето дете му ги оправдуваат неоправданите изостаноци и кај учениците кои ја користат толеранцијата на возрасните и отсуствуваат од наставата.
За Снежана Трпковска од Училиштето за деца со посебни потреби „Свети Наум Охридски“ проблемот лежи во воспитувањето на децата и во недоволната стимулираност на наставниците покрај образовниот, да го спроведат и воспитниот процес.
– Доколку учениците сфатат дека суштината на образованието е стекнување на знаење и не ги засега како другите ученици ги добиваат оценките би се минимизирал проблемот со отсуствата, рече Трпковска.
Нејзината колешка од истото училиште Ирина Момировска посочи дека не е проблем квантитетот на педагозите, психолозите и социјалните работници во училиштата, туку нивниот квалитет.
– Мислам дека тие не ја извршуваат добро својата задача и оти повеќе треба да работат на средби со родителите, учениците и наставниците, како и да се обидат да им помогнат на учениците и да го лоцираат проблемот и причината поради кои тие отсуствуваат од настава, рече Момировска.
Се слушнаа и мислења дека проблемот со отсуството од настава на средношколците не е толку алармантен и оти нема да се подобри се додека во училиштата не се формираат тимови кои ќе креираат активности во кои ќе учествуваат родителите и учениците, како и обуки, работилници и тренинзи за наставниците.
– Декларативно се вели дека ученикот е активен субјект во образовниот процес, но тоа не се спроведува во пракса. Кога ќе се спроведе учениците ќе бидат заинтересирани за образовниот процес и нема да отсуствуваат од настава… Може да има аномалии во правилниците и законите, но ако ги почитуваме доследно нема да ни се случуваат толкав голем број на изостаноци, рече директорката на ДСУ „Ѓорѓи Димитров“ Валентина Муцунска.
Директорот на гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“ Драган Арсовски истакна дека сака да воведе електронска контрола на присутноста на учениците на настава преку картички. Според него, електронските записи за присуство на учениците на настава се неопходни за да се избегне можноста некој професор да не ги запишува отсутните.
Законот за средно образование предвидува ако ученикот отсуствува од настава пет дена родителот да мора да донесе медицинска белешка и да го оправда неговото отсуство. Доколку ученикот има повеќе од 200 изостаноци годишно треба да полага класен испит за да ја земе годината, а ако бил остустен повеќе од една третина од вкупниот број часови по еден предмет тој треба да полага поравен испит на крајот на годината.
Извор : МИА