29.12.2008 Дури 76 отсто од корисниците на услугите на основните судови сметаат дека тие работат ефикасно
И покрај тоа што ваквата перцепција е многу поразлична од општата слика за судството, раководителите на судските институции не кријат дека се задоволни од подобреното мислење на нивните корисници. Тие се свесни дека лошиот имиџ на судството е присутен со години и оти на сите анкети редовно се прикажува мала доверба во судството. Но, како што велат, и ова се некакви индикатори дека работите, сепак, се движат во добра насока.
Анкетата претставува редовна полугодишна активност на судовите, поддржана од Секторот за судски буџет при Врховниот суд на Македонија и проектот на УСАИД за имплементација на судските реформи. Првата анкета е спроведена во јануари –март оваа година, кога била регистрирана поддршка од 69 отсто.
Анкетираните, меѓу кои има правници, странки и други посетители, на излегување од судската зграда биле замолени писмено да одговорат на 10 прашања. Дали лесно се доаѓа до судската зграда? Беше ли лесно и едноставно да се најде каде треба да се оди во зградата на судот? Дали се чувствуваат сигурно во зградата на судот? Дали им било лесно да ја добијат бараната информација, колку биле љубезни вработените во судот, дали судијата кој бил назначен за спорот бил внимателен, слушал и се однесувал со почит? Колку се разбрани упатствата на судот во она што треба следно да се направи? Дали работата во судот била завршена навремено и ефикасно? Имал ли судот еднаков третман спрема странките во однос на националноста, полот, социјалната положба, возраста. И, на крајот, дали судот во целост бил ефикасен?
По добивањето на резултатите од анкетата, претседателите на судовите и вработените во секој од судовите направиле анализа и подготвиле шестмесечна стратегија за зголемување на нивото на задоволство. Слична анализа направил и Врховниот суд со податоците од национално ниво и поставил приоритети на дејствување за наредните шест месеци. Следната анкета ќе биде спроведена во март идната година.
Но, она што паѓа в очи е дека анкетата, главно, ги дава одговорите за однесувањето на судиите и судската администрација, за достапноста на информациите и пристапот до судот. И покрај тоа што и овие параметри се важни и можат да послужат за натамошни анализи, сепак, главното незадоволство на граѓаните што создава големи фрустрации се двојните аршини во пресудувањето, нелогичните и неконзистентни пресуди, неприфаќањето докази и сведоци, долготрајните постапки…
Насмевката и убавиот збор не се небитни, но она што е многу поважно е граѓаните да ја вратат довербата во судството како вистински гарант на нивните права и слободи. Да добијат пресуда во разумен рок и правично и фер судење. Законито судење, кое не подлежи на партиски директиви и на бизнис-интереси.
Извор : Утрински весник