„Македонија доби надолна стрелка заради зголемениот прогон и насилство врз членови на политички партии за време на парламентарните избори во јуни, коишто домашните и меѓународните набљудувачи ги оценија како најлоши, откако земјата стана независна“.
Ова се наведува во извештајот, во делот за Македонија, на американската невладина организација „Фридом хаус“, во кој се оценети 193 земји во светот и генерално е констатирано „назадување и стагнација на слободата“.
На скалата од еден до седум, на која еден е најдобра оценка, Македонија е оценета со три за политичките, како и за човековите права.
Во однос на земјите од источна и централна Европа, во извештајот заедно со Македонија се потенцира и назадувањето на демократијата во Бугарија.
Како делумно слободни земји се оценети и Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
„Слободни земји“ според „Фридом хаус“ се Србија, Хрватска, Грција и Бугарија.
Во светот има 89 „слободни“ и 42 „неслободни“ земји. Прва на листата според демократија е Финска, а последна е Северна Кореја.
Извор: Макфакс