Ова е оценката на главните уредници на 18 национални електронски и печатени медиуми во Македонија, во годишната анкета за корупција и борбата против – „Бистро – Матно“ на Независната новинска агенција Макфакс и на невладината организација „Нулта корупција“ – Транспарентност.
Предвремените избори со епилог од еден загинат, десетици ранети и повредени во престрелки и тепачки, со 13 гласа на уредниците е избран за најматен настан во 2008.
На второ место, во најматните настани лани, со 9 гласа, е вмешаноста на Македонската православна црква во аферата со хипотеките за хотелот „Изгрев“. Според најновите информации МПЦ дала согласност за кредит од германската ЛХБ банка, а дел од парите „легнале“ на нејзина сметка.
Црквата тврдеше дека е дадена согласност за еден кредит од Тутунска банка, по што додека весникот „Вечер“ објави одлука со која МПЦ се согласува „Изгрев“ да биде заложен кај измамената германска ЛХБ Банка за 4 милиони евра.
На третото место со осум гласа во матните настани се измените на Законот за прислушување, со кој безбедносните служби можат да прислушкуваат и снимаат секого, речиси без никаква контрола.
Најбистар настан во борбата против корупцијата лани, според уредниците е операцијата „Пепел“ против нелегалното производство на цигари на криминалната група на кумановскиот бос Бајруш Сејдиу, со 15 освоени гласа.
Акцијата резултираше со десетина притворени и запленети дваесетина тони цигари произведени во Тутунскиот комбинат Куманово и отвори сомневања за масовна корупција во полицијата. Министерството за внатрешни работи ги разреши челните луѓе во локалната полиција, смени над шеесет полицајци и воведе принудна управа во Куманово.
На второ место на листата на бистри настани, со осум гласа е намалувањето на корупцијата во катастарот. Според анкетата на агенцијата „БРИМА Галуп“ од март, поголем дел испитаниците сметаа дека Реформите во Катастарот се движат во вистинска насока, како и оти е намалена подготвеноста за подмитување
Со седум гласа на третото место е напредокот на Македонија во борбата со корупцијата, според индексот на „Транспаренси Интернешнал“. Македонија лани беше на 72 место според индексот во борбата со корупцијата. Тоа е скок за 12 места погоре на скалата на „Транспаренси Интернешнал“ во однос на 2007 година.
Анкетата „Бистро-Матно“ се спроведува секој месец веќе пет години, на крајот на годината се прави годишна анкета со понудени настани од месечните анкети. Уредниците можеа да гласаат за три матни и три бистри настани.
Во оваа годишна анкета учествуваа: телевизиите А1, Алсат – М, Алфа, Канал 5, Сител и Телма, радиото Канал 77, весниците Дневник, Вест, Утрински весник, Време, Вечер, Нова Македонија и Бизнис, неделниците Фокус, Капитал и Глобус и електронското издание на Лоби.